удира (несв.)
И ударат по тетиви, Вешто мрдат прсти он, Из уста му думи живи Летајат дор в небосклон.
„Пeсни“
од Рајко Жинзифов
(1863)
„Удирајте право, да не мине никој од овие наши насилници клети!“
„Локвата и Вињари“
од Лазар Поп Трајков
(1903)
АРСО: Така! Удирај се сам! Те стигнаа клетвите сиромашки! (На свирачите.) Свирете ја сега со мекам, полека... за играње! (Игра старо оро, Поцко го следи во чекор, сѐ пред Теодос, околу него.)
„Чорбаџи Теодос“
од Васил Иљоски
(1937)
После одеднаш ја обваќа бес, трча кај Пијаниот, ја вади пантовката и го удира по глава). На ти, на ... пцето пијано ...
„Гладна кокошка просо сонуе“
од Блаже Конески
(1945)
Наоколу лежеше тишина; во тишината се слушаше како шумно удираат притките по застојаната вода, од време на време прелетуваше со гладен крик понекоја птица риболовка или штрк.
„Бегалци“
од Јован Бошковски
(1949)
- Што ме удираш? се навредив. - Ш-ш-п! ги собра тој очите.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Се насмевнуваше како човек што пред секој изгрев пие рицинус; ме удираше со белите прсти по темето и шушкаше низ змејските ноздри: - Со лева не се црта. Тоа е богохулство. Затоа луѓето ти личат на дибеци. Со десна, дибеку, со десна.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Бато стоеше претпазливо подалеку од мене; сепак стигнуваше да ме удира.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
И колку тие да ја сардисаат четата, ти удираат на овчарот Ристета и овој, колку ги видел, почнал да вика: „У ош, ош, ош! Мрчо, Шарко, Лиса, кај ватите бесот да ве вати!“
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Се разбира, не се бореа ни луѓето, коњите, како Крали Марко и Лутаца Богдан, ами ги удираа двете шишиња и чие шише ќе се скрши, таа група се враќаше и се придружуваше кон победничката, така што оваа стануваше поголема.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
И овие сите паѓаат на земја, удирајќи се со тупаници в гради, во знак дека се каат.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Почнаа да се превалкуваат едно преку друго по ледината удирајќи се каде да стигнат.
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
Кловнот трипати удира со дланки да ги привлече очите на гостите потоа вади од под огртачот кукла која ја движи долната вилица и ѝ поставува прашање. - Тони, да се напиеме нешто?
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Негде удираат ѕвона за пожар, покопни ѕвона.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Јас знам, Марија. Памучниот палјачо скока сега по собата на една нога и удира со двата месингани таса. Танг, танг!
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Ветар, надојден како море. тој ветар удираше во прозорците разбивајќи се во капки.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
До твоја цигара ли ми дошло! И удира, и со раце и со нозе.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
И бори се сам против нив, против сите нив, удирај со глава в ѕид.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Уште малку, говореше. Уште малку, малку, малку... И гледаше: врелото олово удираше во сивите ѕидови врз него, распрснуваше малтер, стакло.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Прстите на дајреџијата сами запреа да удираат по дајрето.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)