рефлекс (м.)
Тоа нашло одраз и во фонетиката и во морфологијата на јазикот во сп. „Вардар”, па затоа е дополнета и азбуката со уште една буква /a /, што ја употребува на местото на старата тврда носовка /?/, со факултативен изговор, според рефлексот во разните наши народни говори.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Тогај кога зборува за својата Македонија, Никола Кирков го соопштува настанот низ една суптилна критичка нота а со цел да не затапи рефлексот и општествениот коректив онде каде што се покажува како неопходно одмавнувањето на грешката, каде што се покажува како неопходно отколонувањето на причините кои можат да доведат до мултиплицирање на проблемот.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Неговата итрост и рефлекс до тој степен се изострени што тој веднаш знае со кого има работа.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
На троногалче седам и сеирот си гледам и немам што да правам па во оган дрва клавам и се мавам со чеканче по колено за да видам дали ми се добри рефлексите.
„МАРГИНА бр. 1“
(1994)
Така тој збор речник, кој се затекна во мојот избеглички багаж, оживеа како рефлекс да ги запишувам зборовите, не почитувајќи ги при тоа правилата, дури ни правилата на азбуката...
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)
Не, туку страв во главата на Дипигус, вкрстени слики од предубедувања и стрипови, или едноставно рефлекс врежан со мастило како еден енграм- тетоваж?!) Дипигус се задушува и ја исплукува рибината глава, по што и Пајо Ентропија и Даркер и останатите девет лошотии на масата почнуваат да се кикотат и да ги плукаат несварените залаци.
„МАРГИНА бр. 21“
(1995)
Ја слушнав црната како се смее. Погледнав нагоре, повеќе од рефлекс, можеби затоа што никогаш не се навикнав, на блескавите светла и разиграните сенки на геодезиокот* над нив. Можеби тоа ме спаси.
„МАРГИНА бр. 19-20“
(1995)
Од гледна точка на Павлов експериментот требало до докаже дека кај кучињата условниот рефлекс секогаш постои, додека Лакан истакнува дека таквиот заклучок е чисто идеолошки, бидејќи го прикрива фактот за тоа дека дури означителот го предизвикува рефлексот.
„МАРГИНА бр. 34“
(1996)
Тој тип уметник е хиперинтелигентен крт, стаорец со фантастични рефлекси и интуиција на гениј, тој е алхемичар и научник, господар на дрогите и виртуоз на сарказмот - тој има авторитет пред криминалците и морлоците кои му се јатаци и често делуваат во негово име.
„МАРГИНА бр. 26-28“
(1996)
Стрес тест, тест за алергии, тест за рефлекси, текст за капацитет на белите дробови (дував во жолти балони сѐ додека не пукнаа, потоа во една машина со големина на Хамондовите оргули), рендген, броење на спермата, и густо отчукан прашалник на дваесет и четири страници со поглавја за анализа на соништа, генеалогија, логика и заклучување.
„МАРГИНА бр. 32-33“
(1996)
Станав. Појдов како по рефлекс кон чешмата. Течеше само врела вода.
„Атеистички музеј“
од Луан Старова
(1997)
Не можев да го сопрам мојот антисталинистички рефлекс.
„Атеистички музеј“
од Луан Старова
(1997)
Се сеќаваше на еден намуртен бербер кој доаѓаше да му ја изгребе брадата од образите и да му ја потсече косата, и на деловните нечувствителни луѓе во бели мантили кои му го опипуваа пулсот, му ги испробуваа рефлексите, му ги превртуваа очните капаци, го пребаруваа со груби прсти по целото тело барајќи скршени коски и му забиваа игли во раката за да спие.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Ако паднев, јас ќе видев; но јас не паѓав, се служев со животинскиот рефлекс за самоодржување, и затоа не сознавав дека жената ми е во прегратките на некој друг.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Си го задржа судбинскиот одбранбен рефлекс секогаш да реагира пред ударот.
„Тврдина од пепел“
од Луан Старова
(2002)
Обратно од она што можеше да се очекува, тој токму потпивнат возеше повнимателно и побавно одошто трештен трезен и самоуверен во своите рефлекси.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Татко не можеше да се ослободи од старите рефлекси, од речиси фабулозната претпазливост.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
Втората мисла му беше да се спружи на земја, рефлекс што го стекна во последно време секогаш кога ќе слушнеше рафална стрелба.
„На пат кон Дамаск“
од Елизабета Баковска
(2006)
Имаше зборови кои како вистинска мајка ги кажуваше под диктат на рефлекс: Сине, внимавај, не претерувај со работата, не ги вкрстувај рацете кога лежиш, сине.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
Кога ја изговараше синтагмата Октомвриската револуција, тоа го чинеше со тивок глас, гледајќи несвесно лево-десно, уште не можеше да се ослободи од напластениот страв во душата од Голи Оток, којшто како да беше поминал во инстинкт, како рефлекс, иако беа поминати години од неговото ослободување и никогаш целосното рехабилитирање.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)