сјаен (прид.)
За твоето млеко се покажа достојно чедо, венчан од славата трајна, и никако не го посрамоти родот ти, Недо, в скут на победата сјајна .. .
„Сердарот“
од Григор Прличев
(1860)
Хегел ја подложи отпрвин на сјајна критика оваа Кантова „ствар за себе“ и Кантовите форми на познанието.
„Значењето на Хегеловата филозофија“
од Кочо Рацин
(1939)
Прочуениот човек од гума Август Рицман ќе излета од грло на голем топ и ќе пробие три пламени обрачи. Сјајна, незаборавена точка.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Честите царе, сонце наше сјајно! Го добив твоето свето решение од 30 шевар 959 год. и се зафатив со работа да ги фатам и покорам бунтовниците, но нивните водачи избегаа во големите планини и оттаму ја бунат и понатака рајата.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
А разгранатите, овде-онде по дворовите, расцутени бадеми и праски гореа со своите светлорумени крошни и се преливаа на сонцето, како големи сјајни рубини.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
И што бараат овие луѓе со сјајни шлемови во нивната куќа?
„Било едно дете“
од Глигор Поповски
(1959)
МЕТОДИ: (Пред да излезе, се врти кон Луков.) Кога ќе дојде Младичот, честитајте му и од мене. Беше сјаен.
„Црнила“
од Коле Чашуле
(1960)
Арсо го гледа сето тоа одразено во огледалото, богато и сјајно од белината на нежното тело.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Возовите одеа негде, по сјајните шини од главниот колосек, ги поврзуваа далечините и убавините на овој убав свет.
„Билјана“
од Глигор Поповски
(1972)
Замислете ако Ели чинијчето со јадењето ми го превртеше на светнатиот чист паркет, кој мама со таква грижа го правеше лимонов и сјајен!
„Друга мајка“
од Драгица Најческа
(1979)
Учители, учители драги, на небото мое ѕвезди сјајни, учители, градители мои, во спомени ќе ве носам трајни.
„Добри мои, добар ден“
од Глигор Поповски
(1983)
- Се разбира, сигурно тоа, - ќе речеше благо, навивачки другарот Трифун Трифуноски, - се гледа, пред очи е работата, ама сепак вие, мило мое, изберете една дарба, најблиска до вашата душа, таа што како пролетно поточе ви жубори во жиличките, во цветните, мали жилички, таа што како благо ветре ви вее пред вашите убави, сјајни очички, и ајдете запрете го Трифун Трифуноски, тој сосема се забораваше, се гледаше: него исто така треска го тресеше, како тој да полагаше.
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)
- Убаво време ноќва. Оддолу, под шубарата, го престрелуваат две сјајни жеравици: - Токму за мене.
„Пловидба кон југ“
од Александар Прокопиев
(1987)
...раката подигната во мигот да го заштити лицето од ненадејниот блесок и додека сечивото на светлината се забива во неа низ сенката низ слабоста на погледот препознавам како утрото истечува од случајно превртената шоља за чај лизгајќи се по жолтеникавата мирисна патека долж која треперат ларвите на прекршениот бескрај... ...тогаш низ напукнатите ѕидови на воздухот што раката ги распорува на повратокот кон долу твоите заробени очи на презреана девојка безгласни а сепак меланхоничниот звук на флејтата очите твои нејаки оази на осамените ноќи сред сјајниот цут на светлото потиснат шепот на бледите траги по врелите јужни патишта...
„Или“
од Александар Прокопиев
(1987)
Трогнат, сепак не можев, во сјајните очи на мојот стар пријател да не ја забележам познатата искра потсмевливост.
„Пловидба кон југ“
од Александар Прокопиев
(1987)
Се симна Духот - птицата небесна, Се источи небото во лачи сјајни, Се пресоздаде светот во тивка песна, Пееја ангели - простори бескрајни.
„Сонети“
од Михаил Ренџов
(1987)
Петре го зеде шејот на левата дланка, со десната го откри на сите четири страни и на неговата дланка врз црната басма, ние децата што бевме тука собран, видовме нешто ем знајно ем дотогаш невидено: беше костенливо сјајно, со крвчиња во сребро на краиштата на трите краци и со сребрено столче на долниот крај да можеш да го пуштиш и легнат и простум да стои.
„Крстот камбаната знамето“
од Мето Јовановски
(1990)
А тука, уште во подготовката, секоја етапа е преполна со впиени слики: месарот што во бела престилка го мерка рибичот кај кичмата, па вели – „земете го подобро, газда Павле, бутот, преседен е само ноќ“; потоа, месењето леб „на помеко“, со топчиња тесто што дебелички и масни се распоредуваат по обелената површина на масата, за повторно да се спојат во сладострасна, леплива прегратка; додека тестото стасува, месото, во коцки, се брашни со црн пипер, црвен пипер, сол; Потоа боцкањето – топејќи ги прстите, дедо во тестото, сјајно од свинска маст, издлабува кратерчиња за да го смести месото; потоа, на тепсија, во рерната, пастрамајлијата се крчка, бабри, воздивнува.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Малата градина забрмче со своите скриени, чувствителни тркалца и се придвижи; малите човечиња одеа низ шумата, трчаа преку сончевите лединки, облечени во убаво, сјајно крзно, а среде ситните дрвја лебдеа кусите делови на песната од височините и блескавите, модри и жолти бои што летаа. 35
„Лек против меланхолија“
од Реј Бредбери
(1994)
И додека родителите спиеја не знаејќи што се случува, и додека куќата спиеше, со сите свои автоматски пекачи и прислужници, и роботските чистачи во своите електронски сништа, јас бев загледан во блескавите зрнца на метеорскиот прав, кометината опашка, и органското тло на далечниот Јупитер, сјајни како и самите светови што ме влечеа на илјадници километри во вселената, со страотно забрзување.
„Лек против меланхолија“
од Реј Бредбери
(1994)