споменува несв.
споменување ср.

споменува (несв.)

Јас, нели сум стара, сакам добро да им сторам, та да ме споменуваат!
„Духот на слободата“ од Војдан Чернодрински (1909)
Тутуни садиш, тутуни нижеш, тутун таговно у монопол редиш, ме споменуваш и ем си жалиш денови - крепи тешки си редиш — Величко, мори, другачко златна!
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Ој ти, Вардар, шуми, играј, шуми, играј од жалови, додека ни стари мајки глуво шетат низ дворови и со шепот низ ум трештен чеда свои споменуат.
„Песни“ од Коле Неделковски (1941)
Гледаше само да премолчи и некако да не се споменува тоа.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
- Оди, човеку! Каков коњ ми споменуваш? Ќерка ми уште не е за мажење. Ми треба таа и мене, да испере, да искрпи.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Кловнот ја занишува главата. - Да, да... Ти затоа ја споменуваш Виена. Ти знаеш што ми се случи таму.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
„Тие, птиците“, чу. Не беше сигурен дека ги споменуваа птиците. Можеби му се чинеше само.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
- Август! - Повели. - Ти Виена ја споменуваш за да ме лутиш.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Кога ме истераа од своето училиште (споменуваа некаква прељуба) созреав еднаш за секогаш, јас, жолта тиква претврда и за секира.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
- Прими го богатството мое и споменувај ме во своите молитви, - театрално, со остра нотка на иронија, рече Глигор и ги истури џебовите во плашливо подадените раце.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
- Остави го, те молам... немој да ми го споменуваш, - рече Гоце.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Го споменува Митрета. - Болен е. Не можеше ...
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
15. КОЈ ЧЕСТО СМРТТА ЈА СПОМЕНУВА, ПОМАЛКУ ГРЕШИ - човекот со тоа на животот повисока цена му давал, уште ако е и бавчованџија тој напросто би решил и кромидовата главица да ја смета за човечка глава...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
Веќе никој не го споменува катранот и лукот, варта и тревјето.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Не ме остава, не ме пушта: родниот крај ме уми, мислам, а јас си го споменувам.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Споменува некои имиња, ги споменува: кравата, магарето, кучето, го спомнува патот. Сака некаде да оди, да патува.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Само четиринаесет дена изминаа отакко главните на сојовите од Потковицата го потпишаа писмото со кое од султанот бараат да им издаде одобрение за ѕидање црква, општина и училиште, ѝ само седум дена откако му го предадоа на Мустафа ефенди, прилепскиот кајмакам, за тој преку Битола и Солун да го препрати таму, во Стамбола, но и едниот и другиот ден, оној во кој го потпишаа писмото, неделата на Свети 40 Маченици, и оној во кој го предадоа, првата сабота по Свети 40 Маченици, заедно со писмото и заедно со надежите, желбите и намерите содржани во него, никој не ги ни споменува во Потковицата.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Нема податоци за тоа, никој и не си споменува дали било нешто слично запишано во тефтерот Акиноски, дека и таа, Руса, е закопана тука, покрај каменот, но него, каменот, покрај со едното негово име, Бел Камен, го именуваат уште и со две други: Јованов Гроб или Турчинов Гроб.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
На зарамнетото расте трева и речиси никој не си споменува дека некогаш тука имало споменик.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Само таа умее да се моли и да ги пресоздава нашите мртви коски во ѕвездена светлина под која ќе нѐ споменуваат децата.
„Ненасловена“ од Анте Поповски (1988)
Повеќе