боцка (несв.)

Сончевите зраци боцкаа безмилосно.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Во мускулите, од рамото до лактот, боцкаат тапи иглички и длетото на двапати му падна од раката, која започнува да ја губи својата способност.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
И боцкањето се разнесува по целото тело и во зглобовите нешто почнува да трга и да кине.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Заедно со искрите на сино заблескотените снежинки, што го боцкаа неговиот поглед во таа пеколна зачекореност, низ лилавата изгаснатост на неговиот поглед, исто онака воздушесто и нереално, ќе се зашаркаше сега и по некоја едвај видлива издолжена црна сенка, која ќе се појавеше некаде на самиот крај од опфатот на неговиот поглед, ќе прошмугаше таму еден миг, а после ќе се повлечеше, недофатливо ни за некаков појасен поглед, ни за слухот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Прислужникот чичко Петре го боцка со врвот од опинокот и ми с’ска; „Мавни се!“
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Но нешто го боцка: станува и врти околу училиштето.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
- Ѝ ѕвони српот, лути потта во очите, боцка осилот во грбот, а срцето е полно, преполно и секој клас ти е драг како жолтица... - зборуваше доктор Коста загледан во белите забратки и белите кошули на жетварите.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Го стави писменцето в џеб, се сврте, па како со остен да го боцка некој, протрча покрај колибата, и продолжи да трча по патот, сѐ по свежите траги останати од тркалата на џипот.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
„Господ?” „Ха, и тој ништо не прави додека не му помогнеш: ако не ви подвикнев јас под кошарата и ако не го удрев барабанот низ село да се расчуе, Профим ни за жива глава немаше да ти ја даде; вие сѐ уште ќе се криевте и ќе си ги боцкавте фелките по сламата...” чкрапаше со очите Бандо.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Боцка тој, со едната нога, внатре. Со игли, со ножови, со сврдли боцка и врти. Магла ми спушта од очиве.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
а возот само си пуфка, си штрака на шините, и од тоа не се слуша многу нашето викање, грми, не чувме и кога грмнало небото и туку - удри еден дожд на вагонот, штрака, така, така, така, како да работи машина за шиење, ако си чул, ама кај ќе чуеш, кај нас се шие на рака, колва озгора дождот, и почна да претечува од тоа отворчето одозгора, почна да капе, да навева и ние се креваме замелушени, ги креваме главите, зинуваме со устите и чекаме водата да ни капе на јазикот, се поттурнуваме така подзинати нагоре, ко штркови во седело, а дождот си шие одозгора, си колва и нѐ понакрева, нѐ наживнува, ама после не се легнува во сламата, сламата се раскваси и сите болви наскокаа на нас, ни се пикаат под пазуви, под гуша, под ногавици, и боцкаат, дупат, ти ја пијат крвта, тоа што останало од крвта, колку едно песочно браздиче, и така паткаме, два дена и две ноќи паткаме, а може помалку, не знам...
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Тие ме боцкаат под гушата, ама пак не ме колат. Јас само чекам да ги брцнат штиковите, да ми го прекинат јадот, маките.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Од замрзнатата кора на снегот, која е оптегната небаре штавена кожа и врз која расчателените сенки на дрвјата изгледаат како гребаници, во воздухот се креваат осилки и боцкајќи во очите предизвикуваат солзи.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Кога имала Кала една година, то ест, кога се родил Мил, мајка ѝ сакала да ја одбие. Ѝ ставала четка од чевли на боските свртена со влакната кон нејзината уста за да ја боцка - не помагало; ги мачкала грепците со смрдлива трева - не помагало: ги премачкувала со пипер за да ја испали - не помагало: Кала сѐ издржувала и цицала заедно со Мил.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
А само јас знам што ме боцка.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Студот, како да го буткаше пред себе во неизвесност, го боцкаше со безброј ситни, невидливи игли, го тераше да чекори.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Ко топка грмотрн се тркала и ме боцка.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Погоре ќе речам друго: нешто ме набива на петицава, ме боцка.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Изутрината полковниците станаа со тешки глави: сè им се матеше пред очите; таванот во училишната просторија каде што спиеја, им се вртеше; во очите иглички ги боцкаа.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
А тука, уште во подготовката, секоја етапа е преполна со впиени слики: месарот што во бела престилка го мерка рибичот кај кичмата, па вели – „земете го подобро, газда Павле, бутот, преседен е само ноќ“; потоа, месењето леб „на помеко“, со топчиња тесто што дебелички и масни се распоредуваат по обелената површина на масата, за повторно да се спојат во сладострасна, леплива прегратка; додека тестото стасува, месото, во коцки, се брашни со црн пипер, црвен пипер, сол; Потоа боцкањето – топејќи ги прстите, дедо во тестото, сјајно од свинска маст, издлабува кратерчиња за да го смести месото; потоа, на тепсија, во рерната, пастрамајлијата се крчка, бабри, воздивнува.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Повеќе