штрек (м.)
Сѐ беше во некаква чудна подготовка, исчекување и на штрек.
„Волшебното самарче“
од Ванчо Николески
(1967)
Чкртам, а целиот сум на штрек: секој миг би можел да влетаат во собава.
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)
Дојде еден каплар и ни вели да ги прерамиме ранците, да бидеме на штрек.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Едноставно таквите луѓе се полни со страв, се напрегаат над своите способности, живеат во штрек, од ден на ден стануваат сѐ побездушни, послепи.
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)
А таму, на ан кај Стомнаровци, откако ги отспретнаа колите и откако ги врзаа коњите во пондилата, во меаната на штрек чекаа да дојде Аџи Пано, стрико Максимов: по него, за да го извика, Максим го испрати калфата Стомнарски.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
И не се излажа; само што стигна на нивата, од кај селото се зададоа на коњи шесмината вооружени Турци, а пред нив, со пушката в скут, јаваше Мусли бег. кога стигнаа Турците на само дваесетина метри од жетварите, Дамче, откако им даде знак со рака на своите да бидат мирни но и на штрек, сам се испречи пред Турците, викна: Се лутиш, Мусли бег, су ти го удрил внукот.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
- Значи ние сега треба да седиме на штрек... - рече полковникот Жино остро.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Впрочем, да се идентификува BAD, да се биде секогаш на штрек, го овозможува задоволството човек да се чувствува жив во време кое „врие од разуздана празнина и ѓубре”. Fussell вели дека нештото кое очигледно е лошо не останува лошо за долго, бидејќи некој ќе се сети, и bad ќе се воздигне во BAD, ќе биде фалено насекаде како вредно, како посакувано.
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)
Не одморајте, не заспивајте. Бидете будни и на штрек, удвојте ги стражарите, утројте ги доушниците, ѕиркачите и пазачите.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Меѓутоа, трипати поголем од плодот е трнот на трненката, кој е на штрек во сите сезони на годината и ја брани грмушката, било таа да фрла ластари или да држи плодови, сѐ додека не го замени нова генерација со истите бодежи од бајонети.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Ноќе чекаше да го мобилизираат и лежеше буден, на штрек, размислувајќи за фронтот...
„На пат кон Дамаск“
од Елизабета Баковска
(2006)
Под тенките црти, накосо поставени веѓи, во очните отворени беа сместени малку подиспакнати црни очи како цреши, скоро секогаш ококорени, како да беа на штрек за набљудување на сѐ наоколу, ништо да не се пропуштело!
„Ветришта“
од Радојка Трајанова
(2008)
Цел живот на штрек! Од денес за утре.
„Одбрани драми“
од Горан Стефановски
(2008)
Вжарен, па испотен камен – тоа е историјата: севезден да ги оплакуваш мртвите и пљачкосаното царство, да гледаш како царството станува вазалство, севезден на штрек да пречекуваш нови освојувачи кои по цели ноќи на месечина низ шепотот испуштаат уплав за оние кои не знаат дека на Инките убаво им стои да се вазали на сонцето, а уште поубаво им стои да се измеќари во Храмот на сонцето.
„Ситночекорка“
од Ристо Лазаров
(2012)
Таму беа секогаш на штрек да не бидат забележени од некој познат, но и од настраните воаери кои се појавуваа во мракот.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Годината што измина ја научи на претпазливост и недоверба, секогаш да биде на штрек и многу да не прашува и да издржува повеќе отколку што крепат дури и исцрпените сили.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)