црта (ж.)

Само согледувањето на тие своеобразни црти во карактерот, наравите, обичаите, животот, преданијата и јазикот на нашиот народ е важна причина да сме ние против делењето на нашата татковина и за нејзината автономија, зашто дележот ќе ни искорени сѐ што ни е мило и ќе ни наврзе многу противно нешто на нашиот народен дух.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
И вистина, тие колца, бидејќи помеѓу себе се најблиски, имаат некои црти на исток блиски со бугарските и на север со српските колца.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Ако сме логични, тогаш треба да признаеме оти автономијата на Македонија, за која досега револуционерите се бореа, има смисла само во тој случај ако револуционерите согледуваа во нашиот народ такви квалитети и особини што се немаат кај другите балкански народи, а се само наша карактерна црта.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Од исток во широчината безизразно гледаат со матни, напукнати или со весник излепени прозорци, низа збиени и од земја никнати куќарки; на запад - гнил, накривен плот зад кој се наѕира темно- црвен оџак; од југ - слеп ѕид на него чуден цртеж со креда; голем круг со две дебели бели точки, под нив водорамна црта.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Ги испитуваше цртите на своето лице. Строго, без љубопитност.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Навистина беше малку црнгалест, но црнгалест – калеш со најубави црти на лицето, како што можат калешите луѓе да излезат.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Глигор одвај ги распознаваше истенчените црти на неговото лице.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Беа сретнати, со тој мал снежен простор меѓу себе, сковани меѓу тие стебла, со сета морничавост, што се точеше од очите на волкот и просто како да му полазуваше по секоја црта од неговото лице.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Се избезумија од тоа, и тој, и Претседателот, иако тоа беше само мимолетна едвај забележлива повенатост и зимурливост со боја на смил во тие старечки црти.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
- Ха, ха, ха, - продолжуваше Претседателот. Беше тоа едно јадро човечиште, само за неколку прста понизок од Змејка, со широки раменици и со нешто несигурно сковано и на еден чуден начин колебливо во секоја црта од неговото лице.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Добро ги запомни неговите црти.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Понекогаш се плашев да не ги заборавам нејзините црти, или и најмала подробност поврзана со неа.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Често по подолго време не можев да се одделам од неа, и се присеќавав какви беа во стварноста нејзините црти и сѐ во врска со неа...
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Бледата светлина од ламбите на голите ѕидови им ги отстранува цртите и им ја изедначува бојата на лицето.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Почнаа да ми се враќаат сите негови црти на лицето: густите веѓи, танкиот нос, кусата вилица, сините очи, неизнудениот патец на главата, широките мустаќи што му паѓаа преку устата...
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Додека останатите мислители и поети ги величаа мистериозните длабочини на германската душа и настапуваа како рушители на универзалното, тој се осмели да изјави: „Сеопштата трпеливост најсигурно ќе биде достигната доколку го оставиме намира сето она што ја создава особеноста на различните човечки единки и различните народи, сè останувајќи убедени дека дистинктивната црта на сето она вистински вредно се содржи во неговата припадност на целото човештво”.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Да се присетиме просто, во груби црти, на фактот дека револуцијата на идеите, резот - „епистемолошки, како што се вели - чиј што најинтензивен момент можеме да го врземе за времето околу 1913. година, во метежот што го донесе, како во областа на математичките и физичките науки, така и во подрачјето на сензибилитетот, може во повеќе од еден поглед да се спореди со климата во времето 1480-1500, помеѓу крајот на средниот век и почетокот на ренесансата, помеѓу опаѓањето на средновековниот хуманизам и премисите на една нова култура во која се мешаат, во единствен синкретизам, томизмот и неоплатонизмот, емпиризмот и номинализмот.
„МАРГИНА бр. 3“ (1994)
Таа е суштинска црта на човековата екологија и затоа треба да биде заштитена од слепите сили што ѝ се закануваат од сите страни.
„МАРГИНА бр. 17-18“ (1995)
По таа црта изгледа луѓето и политички се делат, тоа веројатно е значајно прашање, мислиш?
„МАРГИНА бр. 21“ (1995)
Убавината станува таинственост. Површините и цртите се одвојуваат од исклучиво предметната врзаност, се осамостојуваат, најнапред во горчливи игри.
„МАРГИНА бр. 22“ (1995)
Повеќе