хоризонтала (ж.)
„Се исправи без придржување, сама мина покрај нас, кои стоевме како ангелосани, и направи неколку чекори од ходникот до пијаното, огромно висока и непрепознатлива по неколкумесечното лежење во хоризонтала...“ ја опишува Марина Цветаева предсмртната средба на нејзината тешко болна мајка со пијаното.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Единствено тоа ја држи куќата ваква од хоризонтали и врз ништо.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)
Куќата сега ми е само од хоризонтали така што јас во неа сум како парче месо што секој час може да се најде потиснато во сендвич.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)
Некаде сум прочитал, ми се чини кај Јурсенар, дека човек што страсно ја сака вистината или барем точноста, многу често може да забележи, како Пилат, дека вистината не е чиста и дека, најпосле, линијата на човечкиот живот не се состои од една хоризонтала и две вертикали, туку од три синусоиди извлечени во бескрај, постојано приближувајќи се и оддалечувајќи се меѓу себе.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Работното место на Гоше, всушност, му беше подарено или, со оглед на околностите, тоа беше измислено за него, како благодарност за она што се нарекува минат труд, за неговиот влог во соработката со тајните служби за безбедност - поткажувач од посебен агол на гледање и слушање, регистратор по хоризонтала, без толкувања, и со јасно означен радиус: во кругот на Противпожарната единица за руралните средини околу Метрополата, формирана под покровителство на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ.
„Полицајка в кревет“
од Веле Смилевски
(2012)
Така ја замислувам и океанската хоризонтала, како некој далечен недостиг.
„Читај ми ги мислите“
од Ивана Иванова Канго
(2012)