уплакан прид.

уплакан (прид.)

Децата се поуспокоија. Уплаканите лица им се поразведрија кога се видоа во дворот под сенките на големите круши, сливи и кајсии.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Се тркалале по нејзиното големо уплакано лице, мајчински и обилни.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
На прагот, целата уплакана го дочека мајка му.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Кога го позна оти е тој, стана сета разбушавена, заплашена и уплакана. , — Шо сторите, бре, јок да се сторите, баби ниедни? — му се врекна на Јована и тргна да излегува.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Јас дека врзани рацете, се вртам ко укруп во уплакана куќа.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Ме бакнуваат со своите уплакани лица, ме касаат.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Навечер, во затемнетиот стан, го вклучував телевизорот и гледав срушени куќи, уплакани луѓе, човечки и животински лешеви.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Во Иркутск е минус 40, на Флорида плус 30... Гргорат и се мешаат јазици, се преклопуваат насмеани и уплакани лица, живи и мртви, градови што настануваат и исчезнуваат, се мешаат географски точки, Амазон се влева во Црно Море, Волга во Атлантик...
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Снегулките го избришаа уплаканото лице.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Солзите ми течеа по брадата, цела бев уплакана и истоштена од грижи.
„Три жени во три слики“ од Ленче Милошевска (2000)
Таа не одговараше, само тажно ги крена уплаканите очи.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Во тој миг Томо влезе во собата, гледајќи право во уплаканите очи на Рада.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Се гушнаа. Се изнаплакаа. Баба Петра ѝ ги избакна очите уплакани.
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
А кога таткото се вратил од печалба, и сиот уплакан од жал по момичката, зашто лошата жена му изнакажала лаги - дошла мечката и ја вратила момичката жива...
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)