умилен (прид.)
Мајка да ни бидеш, да нѐ покараш кога ќе грешиме и да нѐ поучиш. {со умилна гестикулација). Ќе дојдеш ли?
„Антица“
од Ристо Крле
(1940)
„Анасана-аврадана" беше го оставил во конакот, гласот му беше мек, мазен, умилен, дури личеше на родителски, кога човек се разделува со своите најмили: — Ете — рече.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Тоа беше некаков умилен занес што го ослободуваше човекот од болната поврзаност со реалноста.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Глигор многу уште раскажуваше за своето скитање со Едип по морето и долго време потоа, китејќи го јазикот со умилни зборови ја опишуваше убавината на Смарагда.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Ме гледа и како со умилен глас да ми вели: - Убаво ли е, сине, ми ти се допаѓа ли домчево, кажи што не ми ти достига, татенцето сѐ ќе стори за моето соколче, - чинам така ми вели татенцето и јас сѐ поблиску приоѓам кон него, божем ќе му се фрлам во прегратките, ќе го гушнам како роден татко, а тоа од страв му се доближувам да не ме запне од подалеку, да не ми го скине главчето, та без главче да останам.
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)
Те фрлив во светов сред лукави птици бистра вода, сенки, умилни песни на сирени бранови и бури, карпи, зрели и сочни жени.
„МАРГИНА бр. 1“
(1994)
Да слушнеш само како ги довикува! Со каков глас, со кои умилни зборови!
„Жената на белогардеецот“
од Србо Ивановски
(2001)
Паричката спокојно, без да ја погледне, Кијмет ја клаваше во џебот на ветвата дреа, слична на долама, висната до под глезните, сетне со умилна благодарност во очите ќе се лизнеше покрај Безистенот, покрај фурната на Боро Калешката, па прудолу покрај берберницата на Ставре и Цветково меанче, низ Еврејското маало за да исчезне во сенките на дворот на црквата Св.Богородица.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Повторно ѝ се радуваа мајсторите: казанџиите, налбатите, столарите, касапите, тенекеџиите, со умилност ја гледаа чираците, а ние децата одевме по неа и не слушавме крици од птици пред заминување, туку слушавме умилна песна што извиваше од нејзината уста, а од песната пркнуваа светулки и надлетуваа над бавчите, на Кафтан маало и исчезнуваа над лозјата на Кумлако и Мерите.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Со црвени кордели на русите плетенки, со кусо ѕвонесто здолниште во сите бои на едно ромско клопче, таа уште и дрнкаше на гитара со голи коленца едно врз друго, па немаше друштво што можеше без неа и немаше веселба без таа да е прва, макар што во учењето не се истакнуваше толку и добиваше преодни оценки благодарение на својот умилен изглед.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Можеби ќе треба и да се насрчи и умилен да се шепне збор.
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
Молежлива, блиска, маѓепсничка и волшебна, умилна, заносна и ожална, ту гласна ем тивка, мека и смирувачка, страстна и вдахновена, побожна и трогателна, заводлива и нежна, радосна и слатка, ветувачка и измамничка, се разлева по ливадата песната на штурците, го преполнува воздухот, проникнува под секоја тревка, прекинува колку за да присобере здив и одново се разлева, одекнува, тече, се шири, се издигнува и лета и постојано без прекин и престан моли: - дојди - дојди - дојди...
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)