трапез (м.)
Сите се како часовник, за сон им време не стига, одат по стари огништа, дума по дума собират, седат на селски трапези, песна по песна бележат, сите се бујни, пргави, се млади, сѐ Македонци...
„Робии“
од Венко Марковски
(1942)
Потоа - тројца акробати на трапез, пет дресирани кучиња, кловнови во шарена облека.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Некогаш, негде, можеби во Виена, или во Прага, или во Париз, се стрмоглавил од трапез или од жица или од ѕвезди.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
На челниот дел од куќата, под стреата: срце, прстен, токосани раце, ангелче, венче, и во нив: почетните букви од името и презимето на домаќинот и годината на градењето; балкони: украсени со елементи од железо или ламарина во форма на триаголник, четириаголник, ромб, ромбоид, круг, трапез или со гипсени елементи во вид на амфори, во вид на подлактени раце или сосем едноставни со парапети кои завршуваат со коритца за цвеќиња; чардаци: долги колку што е долга и куќата, со пармаци, со плотици од костен, од даб, од јасика; на чардаците испуштени башлаци над кои висат мали куличиња низ кои може незабележено да се ѕирне во дворот, на патот, или во време на војни и арамилак, да се протне цевка од пушка и да се направи пусија; покриви: со рамни или со стрмни стреи, со испуштени чакми и кучиња, со поткренати маи како крилја од птица, со издолжени предни страни како козирка од капи, или прекинати со предниот ѕид што се крева нагоре за да го затскрие покривот; вратите: со една, со две поли, обични или со нутифедер, со украсни бордури на секоја пола, со надвратни прозорчиња застаклени или опшиени со мрежа за заштита од секакво гадурии; на вратите жапка или шуличе што се отвора со стап кој постојано е врзан на вратата, ѕвонец што ќе чукне потивко или посилно, резе со катинар или брава донесена којзнае од каде; прозорците: широки, европски, или пак тесни со по неколку крила доближени едно до друго за што подобро да ги осветлат просториите; оние што се на долниот кат и низ кои може да се ѕирне, заштитени се со железни прачки извиткани во разни форми; кај што нема железни пречки - дрвени капаци испукани од сонце и дожд, но кои ноќно време убаво ја затвораат куќата како дланки склопени на очи или како мравкини дупки.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Секако на патот од спутникот до електронскиот мозок ќе ве сопрат и други занимливости, особено модната ревија „вреќата“ и „трапезот“ им го отстапиле местото на фустаните до над колената, на она што пред десетина години беше во мода, како и атомиумот и сѐ што е пред вас ново.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Со ноќи потем сонував дека таа неизвесност ја платил со глава; го мислев, господин судија, не дека не сум го мислела; го сонував како паѓа од тој проклет трапез, од огромна височина и како си го крши вратот; се будев во пот и плачев; подоцна, многу подоцна, дури и го посакував, како жена што посакува маж; имаше ноќи во кои посакував да се спакувам и да заминам (оти Партијата, како и секоја партија, пропадна како брод од хартија), но секогаш брзо се соземав.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Ина на трапезот изгледаше сосема природно, како ниеден ден да не посветила на техниката или вежбата; немаше причина да не биде таква и во кревет. Имав и куќа: шатор небесен. ***
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Тоа беше сосема безбедна територија, еден вид антрополошки азил за сите оние кои имаа судир со светот, и кои поради тој судир решија да направат невозможни подвизи: да стојат на скали потпрени на ништо, да возат бицикл по ортома на дваесет метри височина, да прават фигури од три тела на трапез предвиден за еден, и слично.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)