тракатанец (м.)
Едно одделение од оние борци во англиска, или германска, или италијанска, или измешана од сите униформа, со шмајзери на градите, одело секогаш околу него, едно одделение партизани, штотуку слезени од шумата, по пустите голомразни улици на таа есен, кои во вечерите се исполнуваа со митинзите, баклјадите и демонстрациите, а во другото време оној се шетал низ тие улици и ретко кога излегувал без својата охрана, без тие добри, наивни борци, ослободители, со долги коси одзади, со реденици, оние што се фотографираа сосе шмајзери по црвоточните фотографски работилници, а нивните фотографии мрзнеа по излозите, избоени со мастилави бои, вплетени во некакви срца, или излепени на џепните огледалца, оние сѐ уште со крпени петокраки на капите, што имаа најразлични и најнеобични форми, оние со изрезбарените петокраки на кундаците и со толку решки во дрвото, колку непријатели секој од нив убил, едно одделение такви борци, поредени од сите негови страни, а тој во средината, натегнат и голем, плештест и црвен во вратот, широк и мирен во чекорот, со неколку пиштоли и слични тракатанци, додека луѓето наизлегувале на прозорците и тоа да го видат.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Солените зраци залудени ги покануваат рибите на валцер...ен два три...морнарски капи – мистериозни мапи...ен два три...љубовниците пијат лимонада – осамените сонуваат серенади... ен два три... загубени гаќи – јато страчки... ен два три... чамци прамци ланци и други тракатанци... ен два три...ен два три...еве ги моите родители, испокасани од решетките, сепак се вртат ритмично и лесно, иако сенки – гостинки сред радосното братство, иако...ен два три...иако го наслушнувам татко ми како мрмори: - Денот е како лист.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Ечеа свирки, труби и барабани, трокотеа ѕвонци и тракатанци.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Од куферот ги извадив подароците што мајка ми ги имаше подготвено за семејството, од најразлични тракатанци до употребливи работи, а потоа и јас добив подарок од нив - еден голем кафеав ѕиден часовник.
„Чкртки“
од Румена Бужаровска
(2007)
Како и сѐ друго во Америка, така и овој центар има свој ентертејнмент дел: туристите се редат во редици не би ли виделе автентични спејс-шатлови, астронаутски одела и скафандери, хај-тек курци-палци и слични тракатанци.
„Бед инглиш“
од Дарко Митревски
(2008)
Имено, на бродот веќе (унапред) има поставено трски со саили, мамци и други тракатанци.
„Тибам штркот“
од Зоран Спасов Sоф
(2008)
Сите овие жици, тракаталци, надвор! Утре сабајле сакам празен стан.
„Одбрани драми“
од Горан Стефановски
(2008)
Бог да бие твоите душмани: Руси, Срби и разни Ирани, Кореанци, Кинези, Кубанци, Ал-каеди, слични тракатанци!
„Бед инглиш“
од Дарко Митревски
(2008)