тапанџија м.

тапанџија (м.)

Бандо растрчуваше низ куќата и викаше по тапанџиите: „Удретее, нека чујат сите, нека чуе Профим, сето село: тој што купил камила, и вратата ќе си ја поткрене“.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Напред пред борачите одеа тројца зурлаџии и еден тапанџија, (свиреа, корнеа зурлите, бувташе, уриваше тапанот) а по нив сета прилепска чаршија, сите пазарџии, меѓу кои и главите на сојовите од Потковицата.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
А кога ќе види дека ни се обновува силата, тапанџијата го легнува и своето лице под тапанот.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Тапанџијата оди пред тебе и по тебе, му шета тапанот по мевот, забркан меѓу удиралката и белото дреново праче што шврка, што штрака.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Жена му на Китан знаеше дека жена му на Танаил, како и другите жени во селото, се подбиваат, се исмејуваат, и затоа утредента по свадбата, кога станаа младенците од спиење, отиде во нивната одаја, ја натера невестата да се пресоблече, ѝ ја зеде кошулата, и кога виде дека на неа има крв, светна од радост, ја зеде кошулата и истрча во дворот покажувајќи им ја на сите луѓе дојдени на блага ракија; им рече на тапанџиите и на свирачите да свират, и таа држејќи ја кошулата високо крената, започна да игра оро.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Тапанџијата е клекнат пред неа, ја искривил шијата и ја гледа в очи; и свираџијата свирката ја вперил во неа, жилите на образите и вратот ќе му испукаат од напнатост; мевот му е стегнат со појас за да може подобро да дува; челото му е покриено со изналепени пари.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
(Во гимназискиот оркестар удираше на тапани, па тераа шега спорејќи се дали е поправилно да се вика „тапанџија” или „тапанар”.)
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Зурлаџиите молкнаа, саде тапанџијата со стишено удирање ги испраќа старците во сенката под трите чинари.
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
Кавалот молкна... Тапанџијата се стаписа, саде зурлите пуштија писок-крик на некакво раскрилено сениште!
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
Кавалџијата Ангеле уште не ја беше досвирел песната за очи момински - бадемлии, а тапанџијата и зурлаџиите веќе излегоа среде па да грмне орото за млади мажи и момчиња.
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
Беше Велигден. По Богослужбата, на средсело, на вигната, засвирија тапанџиите.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)