тазе прид.

тазе (прид.)

Чув дека си варел тазе комовица... Ти знаеш, колку сум мераклија.
„Печалбари“ од Антон Панов (1936)
Тазе поповите се познаваа како мариовци уште од порано, та бидејќи поп Илија се наоѓаше во „грчки“ центар — во Битола (што му даваше кураж), колку го сретна Пројчета во тесното уличе пред дуќанот на Мушона Евреинот и Ристета бѕовиќанецот, застана пред него и почна да го навредува и предизвикува: — Оче наш, прчи паш, вати мачка за опаш . . .
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Салепџијата, со калаисаниот ѓум во едната рака, а во другата со таблата со шарени филџани, викаше: - Ајде, ајде, салеп! Тазе, тазе салеп!
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Жените домаќинки, со засукани ракави ја готвеа зимницата; ги полнеа качињата со домати и пиперки, за да имаат преку зимата тазе туршија.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Прво стави една чинија со бело сирење. Па стомната со тазе вода.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Во душата исти, заблудени синови и ќерки, како половина од главата на детето кое ми се смешкаше во детството, сметајќи дека јас сум единствениот што ја има таа претстава во главата: Невидливата е претворена во црвено масло, како нашите во минатото тазе лузни по абдомените, од кои се извадени протозоите.
„МАРГИНА бр. 35“ (1997)
„Секогаш велам, ако имаш мачнина, веднаш изблуј се. Уште додека ти е тазе во меот.“
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
- Те начекав на тазе боза. - Кај чичко Лазе сѐ е тазе.  - Азис сакаше да го викаат Лазе, па така и сам се викаше.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
За среќа, најстариот калуѓер забележа дека бардето со вода беше замрзнато, па Бајко се предложи, наместо измеќарот, тој да тркне до чешмите на крајот од панаѓурот, да наполни тазе вода, и за пиење, и за миење.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Робовите тазе беа донесени од борбите по Србија и неколку дена на ред ги продаваа овде, врзани во синџири и целите испарталени.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Како тазе Американец јас немам право на глас уште минимум четири- пет години, па дотогаш ми останува само кирилично да мудрувам и да солам памет на мајчиниот јазик.
„Бед инглиш“ од Дарко Митревски (2008)
Почнуваме со „тазе дијаспората“ која го опфаќа периодот од крајот на деведесетите па до денес.
„Тибам штркот“ од Зоран Спасов Sоф (2008)
Ако само малку се концентрираше, на сликите можеше да им додаде и звуци и мириси, цела атмосфера: крцкање на летен песок и слатка врелина под нозете, тазе испеглана постелнина, Нивеа, печени тостови со кулен и млечен намаз, здив после ќебапи, куп искористени кондоми и кучешки лаеж.
„Сонце во тегла“ од Илина Јакимовска (2009)
Питите на Бланш беа правени тука и секогаш беа ровки, тазе и вкусни.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Во мигот кога посегнав по спружените алишта и не сакајќи се слизнав на тазе подмрзнатиот балкон, кој за несреќа беше на 13-тиот кат од зградата, каде живеев заедно со моето момче, ми прелетаа низ глава сите овие реминисценции, на кои во друг случај не би се сетила сигурно.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Подоцна велеа дека не можеле да се изначудат што има толку многу тазе леб.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Откако сите се сложија дека „мозокот” му припаѓа, токму на татко ми, како глава на куќата, како наш стопан, но и човек кој имаше склучено најмногу работни договори за оваа година, тој со победнички израз на лицето, со мозочето во едната рака и со жолтата кумановска во другата, го посоли добро и во еден здив и залак, го стрпа во неговата уста од која вирееа тазе направените вилици, скапо платени со зделките кои го беа фаворизирале неговиот бизнис годинава.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Тука завршува нерамниот селски макадам и се врзува со тазе посланиот асфалт. Црн е и се чини дека сѐ уште е топол.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
- Мамо, јас сакам да сум Снежана - дотрча Ева и снажно го загриза најсочното од тазе купените јаболка.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Но сега, тазе бистроок, расеано застанувам на балконската врата и безволно си се тешам што темнината сепак не била бескрајна.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
Повеќе