сурат (м.)
Само не знаеја децата дали една и иста мравка изнесува повеќе или само едно зрно, бидејќи сите имаа еден „сурат", сите беа облечени во црни алишта и обуени во исти опинци.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Попот прочкрта со забите и ја заврте главата настрана да не го гледа не кадијата, ами новиот бег Јунуса, кого уште кога се предаде го позна дека е ланскиот калуѓер од света Богородица и толку го замрази, што не можеше да му го гледа суратот, па ништо не му одговори на кадијата. – Не зборуваш, а? – му се врекна кадијата.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Анѓа се осмели да го погледне овој силен Турчин и просто си го виде својот сопствен сурат во неговиот и веднаш се вџаши, па почна да мрда со устата, ширејќи ги рацете за прегратка и вртејќи се кон него. – Ан... Ан... Ан... нгеле, брате!
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Навистина малку црнгалесто во суратот, со испрчени устиња, малку поедри заби, напред истурени, но младо како роса, Кожата по обравчињата му свети како со масло намачкана, црните очи некако на грозје личат, а косите ги пуштило над очи небарем сака да ги закрие од алчните погледи на присутните.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Кате ги наведе очите, бидејќи Адем така го учеше и му забрануваше да им гледа на гостите во суратите.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
По стопати берете му го гревот — заврши Пере и длабоко воздивна, вртејќи ги очите од Јордана да не му го гледа суратот. — Е, море, ние, ние.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
4. ШТО САКА НЕКА БИДЕ, ТОЈ Е УЧЕН ДА ТРПИ - и невин, од виновните на срамен столб качен, од честа испокината сурат циркуски ќе скрпи, па другите засмевајќи ги, самиот ќе плаче...
„Куршуми низ времето“
од Љупчо Стојменски
(1976)
- Екрем ништо не види, ништо не чуе. На Екрема овен треба купи, Стефане. И пак треба види сурат со сурат.
„Крстот камбаната знамето“
од Мето Јовановски
(1990)
- Ако не го најдеме тоа, еким-ефендија? Зима е, Онисифоре. Нема по ридиштава диви краставици да му џбурнеме в ноздри нивна вода. Погледни му го суратон.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Бродари. Полни со празвучна пена се губат. Дува, дува - ој, пронајди плута ли сурат над морската чума. Брановите само диво се љубат.
„МАРГИНА бр. 32-33“
(1996)
Цела недела патуваа наваму, Чана признала во сите вагони, нигде не му го видела суратот, а и како ќе му го виде кога се крена онаа ветрушка на гаковската станица и нѐ напика во вагониве без да го измолкниме од оној проклет брлог каде го имаа сопнато ветровите на претците!
„Исчезнување“
од Ташко Георгиевски
(1998)
Врз огледалото во кои си ги гледаа суратите кутрите Егејци додека Нанчо ги лупеше со машината, навечер мижуркаше слаба светилка, ама за мене беше добра за да поднаучам уште нешто кога немаше муштерии.
„Исчезнување“
од Ташко Георгиевски
(1998)
Ќе видиш ти кој е Јагулче Дримски?! Ќе ти го променам суратот засекогаш!“
„Патот на јагулите“
од Луан Старова
(2000)
Откако Милка и Пелагија се одлепија една од друга, откако им се исушија солзите, оставајќи траги по нивните лица, првата можеше да го претстави своето момче и да се пофали дека оние две машки дечиња што креваат најмногу врева и од кои поголемкото е старо колку и нејзината Пеличка, се нивни, И по суратот се познава дека се наши не само по бојата! рече Милка.
„Црна билка“
од Ташко Георгиевски
(2006)
Кога врвеа по улицата од Бит Пазар до Чаир, притисната од двете страни со ниски куќарки што одвај ѕиркаа врз ѕиданите огради, полна со деца и жени повеќето наврени во шалвари и понекоја со црн зар преку лицето, сурати што не наликуваа на Македонците, Пелагија зажала што Мурџо не е со нив.
„Црна билка“
од Ташко Георгиевски
(2006)
Па сепак, интернатскиот режим во студентскиот дом, окапувањето врз скриптите во семинарската библиотека, сојузната збирштина на сургунски сурати, безвкусниот штирак на мензашки порции, престолничките погледи на беспоговорните професори, свитканите плешки на провинциските безименковци, уситнувањето на младешките идеали со осминка здрвен бурек - сето тоа не беше лошо, барем за кратко, да се одмени ако не да се замени со познатото до здодевност лето во родниот град, со утринските прошетки по излитениот грагор на изодените патеки во паркот, со пладневното цапање по боси табани врз врелата песок на дивите плажи, со врвуличавото вртење по бескрајната лента на вечерното корзо, со срамежливите испраќања на новите симпатии по непознатите сокаци, со повремените кошкања на парталавата топка во маалската полјанка - и воопшто, по сите тие неизбришливи слики, што ги носиш како драг товар од детството а не знаеш што ќе остане од нив кога ќе стапнеш во животот.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Тој што го рече тоа, еден со сурат на ајван, ама сепак Турчин со турбан и еден отворен ќитап в раце, тој уште и дорече, откога се изнакашла убаво и почека луѓето да се смират.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Или, за татко ѝ Јосиф кој го нервираше со молчењето, но кој со тоа покажуваше дека почнал да му се плаши, зашто неговиот сурат не е веќе сурат на чирак?
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
О, секое одење по печурки
разговор е со демонот на преобразбите
Овидиева тема, протејски мерак
подотворање на умот
најава на оностраниот моќен сурат
на стерната, стијата, привидот
и тоа најмногу кај оние кои
на овој свет се мислат
свои на свое.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Во публика Фрчко, Јане Миљовски и пар сподоби шо немаат ни благе везе од џез, а добиле гратиси преку некоја фирма или швалер со цел да ги покажат своите гнасни сурати и да одглумат елита сокривајќи го своето паланечко потекло.
„Двоглед“
од Горан Јанкуловски
(2011)