спуза ж.

спуза (ж.)

Внимателно се измолкнува од постелата, го потсобира веленцето околу дечињата да не побегне топлината од нејзиното тело и оти во ќумбенцето нема ни спуза а ни потпала околу него, таа ова утро прва го прошетува своето големо тело до алето крај телот и до купот отпад од задната страна зградата.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Пламенчињата и спузата од спотнатиот оган открија дека тоа е мажот на Добра, човекот кој многу малку пушташе зборови од својата уста.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Чана застанува крај пепелта, клекнува, буричка по неа, ама нема никаква спуза.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Спузата долго тлее под неа, понекогаш со години! Да, мајко Персо, така е!
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Очињата им искрат со тажна спуза.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Само кафе варено, би рекла печено на спуза е вистинско кафе, а кога се пие треба да се слуша и сркањето или шмукањето и потоа долго вдишување и издишување.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Не знам дали знаете, ама ако не знаете ќе ви кажам дека вистинското турско кафе не се вари на оган и на пламен и ниту на плоча загревана со електрика, туку само на спуза.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Полека да крка на спуза сѐ додека не се подигне кајмакот и кога просторијата ќе се наполни со мирис, тогаш се тргнува настрана, малку се остава да одмори од вриењето и полека се сипе во филџанот.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Таа се навали на веленцето што го стави како возглавница и ѝ се пристори дека е дома во глуво доба, крај своето огниште во кое сигурно сѐ уште тлеат жарчињата што ги покри со спуза; ѝ се пристори дека е во шарената гостинска одаја во која го распосла излитеното веленце и мисли на своите рожби и на челадта од рожбите свои кои израснаа на ова веленце.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Сѐ додека во него тлее жарче и додека од него се откинува искра и сѐ додека под прстите ја чувствуваш топлата спуза, сѐ дотогаш тоа е дел од животот.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Дома за Циљка пред сѐ беа баба и дедо и помалите сестрички и братчето, кон кои беше така приврзана, како водата кон брегот и како птиците кон небото, а кои, ете, скоро година дена ги нема видено; дома беше и огништето, кое најмногу го сакаше тогаш, кога надвор врнеше снег со големи партали или кога завиваше северњакот зад прозорецот, а во спузата се печеа костени и компири и во поллуосветлената одаја единствено се спушаше прскањето на искрите и тивкиот глас на дедо кој им раскажуваше приказни и тие, внучињата загледани во него, едно подруго заспиваа со убавите самовили и со лошите змејови под клепките.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)