сочини (св.)
„Само најмудрите – запишал нивниот doctor mirabilis – оние што знаат значењето на орелот, еленот, змијата, фениксот, на суштествата што го обновуваат животот со моќта на билките и карпите, само тие имаат шанса да го сочинат чудесниот Еликсир, во чија делотворност нѐ убедуваат писмата од Папата што сведочат за прататковската старост на одделни Тиријци, како и 223-те лета што ги преживеа отецот Силвестер, од кого се чува свежата мумија во снежниот храм на врвот од планината“.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
А само чекор понатаму од мене на сите страни се шири до бескрај една ливада, едно зеленило, едно шаренило што можат да го сочинат сите цветови на светот и воздухот е толку чист, просто му ги гледам кристалите како пукаат низ него и го прават сѐ побогат и така што дишењето таму е толку слободно и длабоко.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)
Убавината е сочинета од цветови во сите бои, но преку нив преовладува црвената а под неа како да тлее меката чадлива жолта боја.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)
ВГ: Јапонските деца стануваат „хај“ од големи чоколадни табли сочинети само од шеќер и кофеин. Јадат по пет-шест вакви шеќерно-кофеински хај табли на концерти.
„МАРГИНА бр. 32-33“
(1996)
Во таа теорија на слики Витгенштајн тврди дека исказите од кои е сочинет јазикот се аналогни на низи од слики.
„МАРГИНА бр. 29-31“
(1996)
Та нели светот земен е понесовршен од светот небесен, па еднакво така и од понесовршени нешта треба да биде сочинет?
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Затоа и двете нешта ги нацртав така да не личат на ништо од овој свет; логотетот постои на овој, земниот свет, и гласовите од кои се сочинети имињата за она што постои и што видливо е – немаат значење.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
А реченицата прекината продолжуваше вака: „... да не може да го види ѓаволот; а едниственото место од кое тој не може да те види е неговото место; посакува, велам, човек да застане на местото негово, на местото од нечестивиот, и да види што тој гледа; а гледа сигурно слово поинакво од она што е сочинето од книгата“.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Сочинета од маглив превез или нешто слично, превез кој наеднаш се растопува и исчезнува.
„Летот на Загорка Пеперутката“
од Србо Ивановски
(2005)
Често и самиот се трудам да сфатам зошто токму таа мора да се повикува на гладот на машките очи, на слабостите од кои е замесена женската ќуд, на заборавноста, на недоразбирањата од кои е сочинет светот.
„Летот на Загорка Пеперутката“
од Србо Ивановски
(2005)
Твојот пат е
твојата светост.
Твојот пат сочинет од
име и идентитет
и другите
подзаборавени
потценети
распродадени
за туѓ ќеиф, по сопствена вина
- доблести и добра
сега и материјалните
територијалните
егзистенцијалните
сѐ
за да бидеш
и никој, и ништо
и да се рассееш
по светот
БЕСТРАГА, НЕВРАТ
ЏЕНЕМ, ПО ЃАВОЛИТЕ
надвор од јазикот...
Но твојата трага
- длабоко втисната
тетоважа
на светот -
не е само твоја.
Не скршнувај
од својот
Дом
народе мој!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)