скрб (ж.)
Сѐ што било пред тоа Лозан Перуника утре ќе е призрак на скрб.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
На едно око спијам со другото се мачам да го здогледам тој збор, испоснички сув, во кој е овоплотен животот кој се пресоздал во корени и историска скрб...
„Две тишини“
од Анте Поповски
(2003)
Кога двајцата зографи ќе побараат нараторот- поет да им ги ископа очите („за да не гледаме што уште ќе се случува“) јасно е дека авторот нѐ воведува во едно апокалиптичко финале: „Само слушав како баботи небото, како галопираат зловестите коњи и како трубат ангелските труби најавувајќи огнови, скрб и студ.“
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Затоа се симнав да ти ја кажам скрбта со која сме налегнати, тагата со која сме исполнети до гуша, чемерот врз нашата душа.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Само слушав како баботи небото, како галопираат зловестите коњи и како трбат ангелските трби најавувајќи огнови, скрб и студ. Страшниот суд.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Можеш ли да му ја поматиш верноста
кон земното, додавајќи знак по знак
откривајќи ги срамните делови
на твојот систем
загадочниот метод
небесниот свод- дом
за да може да оди по истиот пат
и да стига до истата цел
човекот, оној кој над црната точка
стрепи по сличното, од различното стрепи
спојува еден со друг:
еден и еден, два со два, седумдесетидва
името го дели на четири
елементи – I.H.V.H.
тетраграматонот го врти, го враќа
ред по ред реди
вистината на скрбта ја учи
завист и суета, суета и завист
сѐ е бесценет камен, а број
свет и сила
равенката меѓу нив се припикнува
како вода меѓу шуплинките во карпата
како зрак во мрачна капела
бели точки на црна површина
поделена на две:
еднооко човече
дворог Пан
троока нимфа
четириаголен круг
пирамидална петка
црно на црно
расфрлан, разигран
Ум на Светлоста
Умна светлост.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)