скокотлив (прид.)
Нешто меко скокотливо и пријатно му се вселува во телото и овој чуден сок - ракијата го смирува и здобрува со луѓето.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Нивната бела, мека игра во прозорецот се менуваше со една чудна волшебност пред Змејковиот поглед; таа беше исто онака скокотлива и прекрасна, како кога беше помлад и кога неговиот малечок син Јовко, уште додека не беше заоден, ќе го допреше со своите малечки прстиња по лицето и ќе земеше да ги префаќа неговите усни, носот, а тој од тоа не се смееше на глас, она беше многу посилно од смеата, му се разлеваше по целото тело, по сета негова кожа и по секое делче од неговата внатрешност, како некоја чудна миризлива растрепереност, престорувајќи го целиот во една единствена черешнова гранка, преполна со бели меки цутови.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Со скокотливи мравки во грлата, движења на топлина што измамува и ги распливнува трагичните мисли за крајот на животот, најстарите се погледнувале со надеж.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Се погоди и двете мои измачкани маргиналии да имаат скокотлив навев.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Остануваат некои зборови, слики, бескрајното чекање на нешто (чувствуваш?) неизбежно, нечие доаѓање, ѕвонење на телефонот, адреналин, будењето на мрачниот ѕвер, убиство на времето, ненадејно отворање на вратата... остануваат валканобелите ѕидови обременети со тишина, ги голтаат погледите и те оставаат самиот на себеси, безброј прашинести утра кога се откажуваш од својата НАМЕРА, а стакленото око ти го нацелало грбот, подготвено да го испука бесмислениот истрел... остануваат меките, пренатални допири на темнината, ококорените, црни пукнатини на времето меѓу скаменетите бранови на празнината, пополноќните прошетки низ мртвиот град и она скокотливо чувство на необјаснива слобода што ја чувствуваш додека чекориш по пустите улици (стариот Витмен тоа чувство го знаеше подобро од мене)... остануваат порозни делови од едно филтрирано сеќавање.
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)
Таму останала една година, помагајќи во производството на книжулиња во запечатени кутии, со наслови како „ Скокотливи приказни“ или „ Една ноќ во женско училиште“, за да бидат купувани потајно од проловската младина, која имаше впечаток дека купува нешто недозволено.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Во тој луфт, тој циркуски неон
и сега не се познава каде е
мојот живот, мојата скриена фалинка
не сум крив јас
виновни се оние кои веруваа
полесно ми беше да бидам неограничен
во слободата да грешам, одошто да сакам
ја имав секоја имајќи ја безличната
жена, не груба, не глупа, не грда
напросто ефемерна
бришаниот простор ме плаши, не празниот
ѕвездената прашинка која светка под папокот
на мојата скокотлива куртизана, судбината
мојот детски инат, залудното препознавање
во сѐ што не сум јас
зар не сум доволно смртен
за да бидам и жив, и со себеси соочен
зар јас ќе го напуштам светот
не тој мене, мила моја!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
А по улиците што внимателно кон Езерото слегнуваат брзаа новите љубовници во мислите со нови телефонски броеви, тајни имиња, скокотливи приказни, роковници.
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
Искачи се на врв- себе и повлечи се
во подножјето има плодни почви
јаболка кои мирисаат на магдонос и нане
поради долгиот престој во ист сад
зборови кои се припикнуваат во пазувите
-мажјаци скокотливи, полнозначни, семеносни-
глетки кои трчаат по тебе како верни загари
времиња кои те опоменуваат
обѕрни се, објави се
но не застанувај
што погоре, толку подоле
она што во себе го имаш единствено го имаш.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
- Малечок, остави им ги сите твои скокотливи прашања на постарите, на оние што ќе можат и да одговорат на нив - се обрецна кон мене (како да го беше дочул она што ја бев прашал Бојка) а потоа, излегувајќи, речиси несигурно додаде: - Веднаш ќе се вратам.
„Желките од рајската градина“
од Србо Ивановски
(2010)