синија ж.

синија (ж.)

(Ана влегува носејќи тепсија со комад и грне кисело млеко и ги остава на синијата).
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
Задржи го, мамо, синиево додека го постелам чаршавов и го донесам комадон. (Го фрла чаршавот и излегува).
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
Кога дојде софрата за ставање, Доста стана, го зеде ѓумот и леанот од под ковчег, и, ни пет ни шест, по сиот домаќински ред и адет им тури вода на рацете на машките, ја зеде софрата; а да не поткрева веднаш во ноќвите, ѝ вели на Митра, која тукушто ја извади тавата од оганот: — Дај ми а, сестрице Митро, тавата, отвори го ковчегот и клади леб на синиата.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
За умрените се дава на живи разни предмети и продукти да им се најде на тој век сереј — волната кога ќе се попари пушта жолта течност која се зика „сереј“ симсиле — род, потекло синдилија — кременисување од високо, паѓање, несреќен случај синдрак — синко (аугментатив од син) синија — софра, трпеза сињелко — господ кој се наоѓа на синото небо скипне — догорува оганот, скипнува сонцето, животот на човек кога умира скисна — ми се досади скопец — женски накит од сребро или бакар подресен со пари или трепки скорнам — разбудувам, дигам некого од место скубам — пасам трева слеа се — се стопи како восокот што се топи слог — нива слог сповојница — веселба по повод на новородено дете српјановец — рид над селото Витолишта сртам — висам, се врткам околу тебе срчка — види срдешница срџба — лутина ставам — се сретнав со тебе се ставив со некого, 2) Станувам од место старавински — од село Старавина стегната рака — скржав, стипца, циција стигна — роди, се породи жена стопанот — мажот, сопругот страк — парче борина странам (дрва) — редам дрва или друго нешто за товарење на добиток стрелушам — се потплашувам струнено — тканина или плетена врвца од козина суварија — турски жандар, коњаник сугарен —доцна, поназад.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Трајко се забриша со полата од гуната и стана да ја донесе софрата, но Митра притрча и му ја зеде од раце: — Ииии, браче! Ами кој ќе чуе ка ќе рече! На Митра Сукалова деверите ѝ а клаваат синиата!
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Некои жени плачеа, а Змејко гледаше во лицата на сите луѓе и во она што стоеше на секое од тие лица, сѐ додека не го изнајде онојго, стоеше веднаш до него, до нивното другарче со барјачето и едвај ја потискаше во себе желбата да му рече нешто, барем да го фати за мишката и двајцата да помолчат, сѐ додека не откри како едната негова рака се оддели од рачката на барјачето и заграба во синијата, што ја подаваа пред лицата на луѓето, а внатре беше пченица со разнобоен шеќер.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Сѐ што се случува во селото: добро или лошо, се случува на него: преку него врват и свадби и свадбари, и погреби и музики, и арамии и војски, по него во селото доаѓа една власт а си заминува друга, по него се испраќаат и пречекуваат луѓето за војници, печалбарите по светот; на него седнуваат старци и старици да се топлат на сонцето, на него везилките од селото се собираат да везат и пеат; на него се читаат наредбите на власта, по него се тркалаат бочви за да киснат во езерото; крај него се садат муренкови стебла за сенки; на него говедарот го собира добитокот за пасење; којшто ќе дојде од градот или околните места да купува и продава, на него купува и продава; тесните сокаци: одат кај ќе им текне; се кршат, се извиваат, се провираат меѓу куќите, кружат и пак одново се враќаат и излегуваат на широкиот пат крај езерото; по отпадоците што се фрлаат на нив, се знае која куќа што готви за јадење која што заклала; која бара заскитан добиток или деца, во која се веселат, а во која водат војна; по тие сокачиња, ако си невнимателен, можеш да се чукнеш во столче, во синија, во каца, во кош, во тезгере, да се слизнеш на лушпа од тиква, од лубеница, од лепешка; да цапнеш во бразда што одненадеж ти излегла, да се сретнеш со натоварено добиче со кое не ќе можеш да се разминеш; да ти лавне одненадеж од некоја порта куче, да те запраша некој кој си и кај одиш, да те викне некој што започнал сам во дворот да пие; низ нив и зиме и лете струјка ветер од езерото и шишти како низ тутурка, како низ оџак; галеб кога ќе се најде во нив, креска како да се загубил; боите на куќите: сината: луѓе вљубени во езерото, во мирнотијата, во спокојот; мудри, темелити, неизбрзливи во ништо, сигурни во она што го прават и говорат, верни на она што го преземаат или ќе го наумат; добри, предобри, душицата како на дланка да им се гледа; засакаат ли нешто - се врзуваат за него трајно и за век, како што се врзуваат земјата и историјата; зелената: скитници; непостојани во сѐ: во потфатите, во работата, во мислите, во духот, во зборот; она што го започнале денеска да го кажуваат, ќе го завршат вечер, утре, или никогаш; не држат многу за ред, за збор: зборуваат за работи што не им се доволно јасни, одговараат на прашања пред убаво да размислат, решаваат пред да бидат наполно сигурни; слобода и ширина имаат во сè; жените со рулче на раце или на босици седат на прагот; децата им мочаат кај им е ќеф, седат на прагот или скитаат по сокаци; очите им играат како во масло.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
За ручек се извадува од котелот и до цедилото, одново се истрива со дланките, одново се потпржува со сало, и се изнесува на синија.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Ја отвори прво вратата в лево, но таа просторија изгледаше како остава во која беа како нафрлани ноќвите, синијата, некои канчиња, буриња, котли...
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Мирисите на старо во просториите, миндерите, долапите, резбата на таваните, долапчињата, синиите и другите старински предмети, го натлачија Сликарот со необично чувство, кое не можеше да си го објасни.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Светла како бел бигор, а мека и нежна како мирис од мошус и амбра, Калија, со збор што беше певлив и пријатен, чиниш по неговите синии бесшумно се тркалаше и ги мазнеше, ги мазнеше - така му се присторуваше на нејзиниот Марко, кога ќе почнеше да ги светнува дали синиите, дали ибриците, свеќниците, дали каделниците, ѓумовите, котлите, араниите, тавите, фенерите или леѓените.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Така и Марко, не знаејќи колку му е сличен, седнуваше на привечер, пред да го замандали дуќанот во Скопје, седнуваше сам крај своите ибрици и синии што ги беше направил, покроце и на јаваш да прими малку од огревањето на нивниот матен сјај.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Кирилче вечера сам. Мајка му и баба му не дојдоа како обично од другата соба да стават синија.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
И во XVII век е уште поголемо присуството на турцизмите во балканските јазици, се среќаваат и следниве: ама, арамии, бакар, бериќет, бучук, денк, ѓум, зарар, ибрик, казан, кат, кубе, кутија, машала, менгеме, муштерија, памук, пари, ракија, руба, сакаш, сандаци, саан, синија, тава, тенџере, тепсија, теслими, фрча, хич, чифлик, дајак и други, а има и голем број зборови што означуваат разни видови занаети и занимања: бојаџии, казанџии, самарџии, сапунџии, кираџии, кујунџии, меанџии, симитџии, терзии, ќурчии, чакшири, чешмеџии и други.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)