самјак м.

самјак (м.)

Знаат да зацелеат, како ни една друга животинка а нема да ти се вратат в раце, тие големи самјаци, сè додека се во состојба да направат барем уште еден чекор потаму, а ти оди ако сакаш по нивната крвава ораница со денови, со недели.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Тој немаше чуено ни дека некој од луѓето во неговото село сретнал некогаш некој онаков самјак.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
А сигурно нема да имаш ништо против ако начекаш и некоја дива свиња, да ја пречекаме да помине тука, еден од оние самјаци, што не водат сметка колку е висок снегот за да продолжат да се прошетуваат од една млака до друга, што продолжуваат и во зимните ноќи да ги откопуваат корењето од папрадот и од другите билјачки; а може да се пречека и некоја нивна сурија, што поминува и го остава по себе пооран сиот снег.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Што сакам јас? Можеби ништо, можеби самјакот и нема желби или, доколку ги има, тие се поинакви од желбите што ја движат глутницата на неговиот видик.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Никола спомена болест што доаѓа кога човек ќе се најде под игли на темнолилав дожд среде планина, нешто што е и мраз на коските и срам на слабост во месото, но јас, како да не сфаќав за кого се говори, не прашав какво име има таа болест и која света трева ја извлекува со пот од болниот, ти велам: бев само сам, самјак, осаменик, се грчев под тежина и се сеќавав на жената што ме најаде или се обиде да го стори тоа пред да ѝ го видам грбот во отворената врата на собата во која се влегуваше преку чардак.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Во исто време, Гого се исправи пред проблемот да најде работа - од нешто требаше да се живее; да беше останат сам самјак, ќе се обидеше да преживее како слободен уметник; а вака, со семејство, со жена и дете на пат, не се решаваше на ризикот да зависи само од продажбата на своите слики - тој неафирмиран сликар, неговите слики непознати на јавноста, поимот продажба како мислена именка.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
„А што очекуваш од самјак пораснат в планина?“ „На грнето и капачето, нели?“ „И на скршеното грне капачето се тркала“.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)