растурен (прид.)
Со сета тежина паднав на левата нога врз растурените зрели цреши.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Крцка полугнила селска кола, немирно, шишкаво детенце треби боцки од опаш на сонлив пес, мавтаат гранки зад некоја растурена ограда.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Ги гледа тенките фигури на келнерите како бргу потрчуваат меѓу тркалезните црвени глави, растурени по масите.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Глигор помисли на доктор. Но докторот доаѓаше само еднаш во месецот, бидејќи беше одреден за неколку населби, длабоко растурени во пустината.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Врз растурените ѕидишта на сенките Во боја на портокал Летот длаби крај.
„Камена“
од Анте Поповски
(1972)
Коските на долапот растурени како стари гробишта лежат измешани со сенката на оној што некогаш ги створи ги нема бисерите ѕвездени во водите да тежат ни утрото по класјето и ридјето да гори.
„Липа“
од Матеја Матевски
(1980)
А на пругата, што ќе видиш: купишта војнички казанчиња, матерки, порции, пушки без кундак, железни колци и ногалки од топови и шлемови и што не. Сето истурено, израстурено, сплескано.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Се биеја неколку деноноќија и исчезнаа. Оставија неколку искршени овошки, отскриени плевни, растурени сламени покриви.
„Јанsа“
од Јован Стрезовски
(1986)
јас сум до тебе, ми вели тој, јас цело време стојам до тебе, ми вели, ами оти не ме браниш од галебиве, му велам, нема со што, ми вели Горачинов, гледаш дека ми се зафатени рацеве, и после како да сме гувееле пред сонцето паднато во водата, се наведнуваме небаре пред свекор, пред свекрва, што се вели, а водата светка, си потфрла тркалца од бела пена, како ситни пари да сум пуштила, да сум фрлила во водата и парите ги собираат плипот деца, а после не биле деца, туку јато риби, изрипуваат нагоре, им светнуваат белите мешиња над водата и тогаш од бродот ми паѓа Горачинов, се провира и ми се губи ко јагула меѓу рибите, јас викам по него, но гласот нерастурен ми се враќа назад; се враќам и јас од сонот,
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Вашата организација СНОФ е растурена, вели, само ние криеме од Германците.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Оние погрдите, штрбавите, со растурени црни косишта како диви повивјаци на сув брест, очигледно се вештерките.
„Авантурите на Дедо Мраз“
од Ристо Давчевски
(1997)
Беше растурен еден вековен поредок во времето, спокој на верување низ илјади години.
„Атеистички музеј“
од Луан Старова
(1997)
Со растурен вриеж на желби во главата, куклата го прегрна момчето на кое почнале да му растат нови мустаќи, брада.
„Авантурите на Дедо Мраз“
од Ристо Давчевски
(1997)
Секогаш кога ќе му ги видеа прстите на решетката знаеја дека тој нив ги бара по растурените купчиња.
„Исчезнување“
од Ташко Георгиевски
(1998)
Мито го грабнува Во онаа напуштена куќа! кажува и истрчува со револверот во раката, без страв, преку улицата, преку дворот со растурена врата и дури онде, под покриениот трем го крева нагоре, кон керамидите.
„Исчезнување“
од Ташко Георгиевски
(1998)
Како оној ден кога заборавив да ги отстранам трагите од моето истражување, па ја оставив средната фиока на брат ми растурена.
„Игбал, мојата тајна“
од Јагода Михајловска Георгиева
(2000)
На масата пред мене, заради ваквите цртежи исцртувани во часовите на немоќ за јасна мисла и точен збор, се собираа купишта листови и сето тоа подоцна ми создаваше дразба, некој вид иритација, а на целата соба тие чкртаници ѝ даваа изглед на растуреност.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Го испив кафето над растурените хартии и книги, ја испушив цигарата, го сетив она забрзано удирање на срцето и, што сега?
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Па се оддалечи одејќи назачки и губејќи се во тревата, додека во погледот му остана на студентката со растурените скрипти околу голите колена туку девојчето со црвени корделки на русите плетенки и кусото ѕвонесто здолниште во сите бои на божилакот.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Нешто како растурен сендвич: танки резанки мешан кашкавал, уште потанки салама од соја, листови зелена салата и по некоја останата маслинка. Вкусно за око, уште повкусно на јазик.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)