пуштен (прид.)
Црни очи, црни веѓи, црни коси, белузликаво лице. ситни бели заби, набубрени црвенкасти усни, прав нос, мали ушиња, пуштена гушка.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Пуштената рака со бели прсти мртво падна на тврдата земја.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Мечката, пуштена, полека се исправила. Стоела така некое време, како да се навикнувала да биде пак исправена, а после се свртела кон него и му се доближила.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Лицата од луѓето час се развласуваа во светлината, (небаре грутки шеќер пуштени во чиста вода), а час стануваа јасно пристемнети од тажниот поглед со кој ја испраќаа старицата.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Се качив на еден трамвај и шетам така, ко без глава, ко пуштено пашито.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Чекаме нови затвореници, пуштени на слобода.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Геле Накотник излезе омрлушено од зад решетките по две седмици додека неговиот постар пријател беше пуштен кога од планините плисна мирис на снег.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
И тој е заколнат, ми вели Оливера, ѝ свети долгунестото лице меѓу пуштената коса, црна како ѕивт.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Неговите придружници можеле да бидат исто така пци пуштени од синџир но тешко го стасувале - Онисифор Мечкојад брзал, потрчнувал кон нагорнината.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
XXIV Уште од рани зори луѓето во селото почнаа да ги буди лавежот на кучињата и некаков тропот; стануваа од постелата, ги лепеа очите на прозорците, излегуваа на чардаците и гледаа исплашено: колони војници врвеа низ селото; им светкаа шлемовите и оружјето на виделинката од зората; од сите сокаци се точкаа војници, а коњите што влечкаа тешко оружје, опрема, муниција и казани за јадење, врвеа по широкиот пат крај езерото; фрчеа коњите со носевите, збивтаа под теретот, чувствуваа жед и ги вртеа главите кон езерото што на утринското ветре шлапкаше бранчиња на брегот; од војниците избиваше пареа поднаведнати под тежината на ранците и оружјето; кучињата непрестајно лаеја и напињаа на синџирите да ги скинат; оние што беа пуштени, се втурнуваа кон војниците, но кога ќе добиеја клоца, ќе сквичеа, се тргаа настрана и продолжуваа да лаат.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Најмногу страхуваше од помислата, инаку најблиску до вистината, да не бил пуштен Чанга едно време да лудува со козите во градот, да ги собере околу себе, во тој заносен марш, сите свои истомисленици, несудени припадници на козјата „работничка класа”, па еднаш засекогаш да се стави крај на козарското прашање во социјализмот.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Мамурлак Очите поголеми од главата и поцрвени од косата нецрвена. Брадата двенеделна, од вчера пуштена.
„Зошто мене ваков џигер“
од Јовица Ивановски
(1994)
Но неколку претходни примероци веќе се пуштени во промет.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Некои машини веќе пробно се пуштени.
„Омраза - длабоко“
од Драгица Најческа
(1998)
Без испуштањето на тој воздух, кој се компримира во цевката доколку во некој момент во неа не течела вода и сега наеднаш е пуштена, водата не може да пробие надолу по главните цевки.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Седна како што седнуваше секогаш на работ, со прибрани колена и со рацете пуштени во скутот, а потоа, кога почнуваше да зборува, лицето му стануваше повозбудено, малку запалено, и десната рака ја ставаше горе на масата. Јас бев воздржан.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
А сега, на моменти, троа убаво, а најчесто многу грдо, како од гериз, избива од дното, од дното на душата, омразата скорешна и стара, мириса, но и смрди, ух, луѓето како одврзани од синџир, ослободени, душата како пуштена од темното, ослободена со сите страсти, со одмаздничките и со подбивните.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Кога Марко и Едо влегоа внатре, од собичката во аголот излезе еден човек налик на плашило за чавки, целиот свиснат врз самиот себеси, со конзерва пиво во едната рака и со другата напикана во големиот џеб од елекот облечен на голо – слаб, со испиени образи како да гладува, подвиткан, со сипаничаво лице и ретка, права, немиена, пуштена руса коса што му паѓаше на сите страни на лицето.
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)
Така, колку повеќе се отуѓуваше од своите колеги на работа што се придржуваа до востановената методологија во практиката и до малограѓанскиот начин на животот, Миха сѐ повеќе се доближуваше до шареновидниот и контроверзен свет на јавниот и културен живот, движејќи се во него како риба одгледана во аквариум, а пуштена во отворени води.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Ама, вистински би се препалил да го знаеше и ова: илјада и петстотини јаничари беа пуштени по Румелија и тие требаше да испофаќаат и донесат назад во Турција уште двапати по толку млади робови на околу петнаесет години, што ќе ги држат после под строг надзор уште шест години, додека да станат јаки, скромни и послушни.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)