пупка ж.

пупка (ж.)

Се истопи снегот, се потсуши земјата и набабреа пупките на дрвјата.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Обичните веќе имаат пупки - скоро ќе развијат и ќе замирисаат.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Орото се растури уште веднаш штом стана Башмајсторот и сега заминуваа, цела поворка, цела тајфа, додека жените довикуваа по нив „Создравиеееее - “, а буките крај патот имаа зелени, распукнати, набабрени пупки и селото во таа утрина се чинеше толку убаво, ги видоа наеднаш сите убави работи во него и некако копнееја од тоа, сите со по една стегната вилица и со нешто меко, болно и ранливо во погледот, заскитен напред.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Високата георгина уште повеќе се исправи, белите хризантеми си ги раширија листенцата подавајќи се на нежното милување, паднатите, жолти лисја подлетнуваа, а трите розови пупки - лесно нишкајќи се расцутеа од радост...
„Градинче“ од Бистрица Миркуловска (1962)
Белите хризантеми се навалија една на друга, жолтите листенца - коку што можеа - се припија кон влажната земја, а трите розови пупки замижаа од страв...
„Градинче“ од Бистрица Миркуловска (1962)
Дрвчињата беа расцутени и на нив како снег се белееја пупките цут.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Само уште поцврсто ги стегна своите пупки и повторно се вовлече во зимскиот сон.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Ги отвори своите пупки и се облече во цветна сина облека.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
А на него неколку пупки, црвени, набабрени, и две веќе отворени цветчиња.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
И чекаш нешто да ѝ никне под стапалата, под петиците. Да развие пупка.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Којзнае колку им беше тешко на нашите девојки, на тие малечки пупки што токму заврзале.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Именка загадочна, Лична, ситна и малечка Пупка папочна: Точка.
„Сонети“ од Михаил Ренџов (1987)
Пупките ми дошле ко узреани црешни.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
На градите, по нечујна воздишка, се отвораат две малецки пупки.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Невидливата рака од подадениот ракав држи сув цвет, здравец, симбол на животот или, сеедно, кандилце, богодорично срце, бела пупка на штркоцвеќе.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Оној со факелот в раце се наведнал, другите се изненадиле: во окото на добичето се отворала огнена пупка, лилава, потоа бакарнозелена; и смртта имала свој цвет.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Нејасно се радував: по неколку дни бело ќе прснат бадемовите пупки, над ретките потоци ќе се доселат синоглави птици.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Тоа бил миг што еднаш во годината се јавува: наеднаш од две страни зачикчирикале две птици исплакнувајќи си ги грлата со сончева гаргара; потоа попукале сите возможни пупки на дрвјата и на грмушките, бело, жолто и румено, и го поплавиле светот со сладок мирис од кој и лицата на старците се измазнувале; и потоа од проѕирните далечини како да надошле златни потоци.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Ја пронајдов неа сосема пуста во кулата исполнета со некакви нишани, пајажини и вечности како сува пупка која говори пред очите на ангелот.
„Чекајќи го ангелот“ од Милчо Мисоски (1991)
Околу постелата, јаготки розови како момински пупки.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Повеќе