полноќен (прид.)
Изутрина можеби ќе му сведочат некому дека полноќниот воз налетал на мина... Нека му е лесна земјата!
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)
13. ЗАМИНУВАЊЕТО Е ЖАЛОСТ, ДОАЃАЊЕТО Е РАДОСТ - го знае тоа младичот кому здравјето му пука: часовникот во слепоокото на неговата младост полноќното дванаесет со изгрејсонце го чука...
„Куршуми низ времето“
од Љупчо Стојменски
(1976)
Ќе се вратите пеејќи за сончев ветер Што пустоши низ оваа древна мапа На која веќе се распознаваат Изгаснатите огништа околу кои седите, Велам ќе се вратите зашто јас тоа го читам од плодовите и од летните магли, јас тоа го слушам од лебот и од солта, јас тоа го гледам во очите на жетварките, јас тоа го прераскажувам гледајќи ве како му пеете на полноќното сонце.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Обесен во некој агол на неосветлената соба Има таква ноќ кога цигара по цигара Стигнуваш ненадејно до некои полноќни дождови А потоа одново слушаш како удира часовникот И го препознаваш во неговиот глас Оној сетен повик Таму некаде, далеку во иднината Кога си играат дечиња и ја типкаат земјата врз тебе И во прекрасна ноќ бараат светулки среде бујнатата трева Што те покрива на ридон.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Да броиш огништа ноќе, некои расфрлани сонца од соништата кога се распалуваат по покосените ливади, косите на косачите кога светкаат на месечина, кога почнува полноќна љубовна игра меѓу две песни: девојките низ некој темен глас кога ги довикуваат своите момчиња и тие кога им одветуваат...
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
И така, во полноќните часови се најдовме на минхенската станица, каде што студот се вовираше во коските.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
ВИУЛИЧАВО беше времето кога тргнав со полноќниот „Хелас- експрес’ од Скопје кон Келн.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Се тресела прегладнета од полноќен студ, забите ѝ се удирале со рабови во рабовите.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Можеше најинтимно да појадува есенски круши и полноќни сливи од мртвите природи на Караваџо.
„Лек против меланхолија“
од Реј Бредбери
(1994)
Полноќната дивина беше пресечена од чудовишниот продор, додека змејот рикаше сѐ поблиску; неговиот жолт блесок доаѓаше преку ридот и потоа, извивајќи се со темното тело, виден оддалеку, та затоа неразговетен, надоаѓаше преку ридот и нурна, исчезнувајќи во долината.
„Лек против меланхолија“
од Реј Бредбери
(1994)
Еден фармер, оддалечен осум километри, гледаше во нискиот полноќен облак и здогледа некакво далечно светкање и искрење.
„Лек против меланхолија“
од Реј Бредбери
(1994)
Бијат полноќните ѕвона и тој исчезнува.
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)
Во мигот кога завесата се спушта полноќниот воз влегува во станицата...
„МАРГИНА бр. 19-20“
(1995)
Но македонецот е задоволен со кадифениот звук на кавалот, со блеењето на овците, со полноќното пеење на славејчињата, со домаќинскиот мирис на кромидот и сушените пиперки... Зошто да не... okno.mk | Margina #26-28 [1995] 40
„МАРГИНА бр. 26-28“
(1996)
Додека другите спијат сонувајќи убави нешта, обземени од болно сладострастие, вршулејќи на полноќниот мраз, тие ги заведуваат добрите, простодушните, со игра која води до слепило.
„Авантурите на Дедо Мраз“
од Ристо Давчевски
(1997)
Но сламка надеж имаше: пречесен отец Мида, кој препис сочинил на записот, онаа вечер, за она кратко време од излегувањето од одајата со умножението до своето чудно полноќно претворање во букви, оставил краток и нејасен запис за она што го видел.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Кучињата ни лаеж беа пуштиле, ни виеж полноќен.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Тие се патот на птиците за кон поилото жедта да си ја згаснат Но тие се и софра со лесен појадок по полноќно славје!
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
Со првата операција на чичко ми, пристигнувањето на Алексадар со полноќниот авион од Берлин, замислениот поглед на дедо ми, отпатува моето детство.
„Ласа“
од Наташа Димитриевска Кривошеев
(2011)
Некогаш сите бевме деца. Деца кои беа заборавени во полноќната тишина, во темнината научивме да гледаме, а и да слушаме во глувите тишини.
„Жонглирање со животот во слободен пад“
од Сара Трајковска
(2012)