ненаситност (ж.)
Кога најпосле работата тргна вака, арамиите пак ја покажаа својата ненаситност.
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
Во бистрата вода рибите се занимаваа со човечки игри: големите кленови ги прогонеа кон вировите неопитните рипчиња и ги лапаа, ѝ робуваа на невидената ненаситност, беа речни киклопи со едно око.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Престануваше да се брани од комарци и се притајуваше, беше изморен од нејзината несоница и ненаситност.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
И младата Арапка го дарува со ненаситноста на својата страст и љубоморно бдее над него.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Се привикнав да постојам
ексклузивно, на Погибел
дури времето се мереше ноќе
како жена
дури со змијата ме споредуваа
со фалусот и ламјата
ја усовршив техниката
на помрачувањето, прељубата
немам причина да се натпреварувам
со луѓето, не ги обожавам идеите и предметите
како нив, но и мене ме застрашува
Диве, Ероте, песјата страна
на жедбата, ненаситоста, иштафот
и мене бесови ме беспокојат, лунки
Шејтане, постојано сакам нешто младо
- Новина, Полутка, Полнеж
устата ми запени од подигање удини
јазикот од каскање, чинки чинење
од вдахновение и празноверие
и мене ме плаши изгревот на зајдисонце
коцкањето со светлоста
за само три дена лажовен
три дена налуничав
три дена трикрак, троглав жив-отец
и мене ме тревожи што долго
веќе многу долго преврат нема
вртолун, бела ноќ
на мојов месечински, на твојот животински појас
вртелешко вселенска, машка анатемо
Сонце мое.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Танцот на сенките е наша реалност, ѕидовите на домовите ни се уриваат, темелите се сурово уништени од зависта, гневот, суровоста, гордоста, нечесноста, ненаситноста.
„Жонглирање со животот во слободен пад“
од Сара Трајковска
(2012)