невола ж.

невола (ж.)

и што бех на христиани добро учинила, и кој зло ми чинеше ја не му се љутех и трпех сѐ што ми чинеха лошо, и некои што беха у жалби и неволи — и јас плачех и жалех со них барабар, или некого от греховни работи отвратих, или си задржих јазик от клетви и л’жи и от праздни зборови, — сите мои добри работи видох ги како днеска учинени и се зарадувах.
„Избор“ од Јоаким Крчовски (1814)
Гледајќи ги луѓето- гаврани со своите уморни очи, навлажени со солзи, од старост или од жал, тој одеше пред полицаецот и свиткан под тежината на животните неволи ги шепотеше молитвите на своите пцости.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Луѓето живееја од свои и туѓи неволи и ги паметеа дробните настани, благодарени на судбината што понекогаш ја растерува сивата магла на секојдневието.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Ќе си и прибира селаните околу себе, ќе му помага во неволите, ќе и наоружува полека, полека, и кога ќе се нареди одозгора ќе и поведе во борба против агите.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
36. ЖЕНА МЛАДА, А ВИНО СТАРО ДА СИ ЗЕМЕШ - е, тогаш од небото ѕвездите ко крушки се берат и по земјата се расфрлаат како плодородно семе за да никнат неволи по возраст што не се мерат...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
Седеше Висар скриен во одајата и се бореше со две неволи: болеста и стравот; а татко му на секој шум и тропот во дворот, на секој ѕвекот на ѕвонецот на вратата, излетуваше со пушката надвор.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Потсетете се некогаш на ова мое кажување, на неколкуте случки што ви ги раскажав, можеби тоа ќе ви помогне да одбегнете некоја невола.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Оти ако отидеме одвечер, вели, може да нѐ снајде некоја невола, како што го снајде Лазора.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Сонот ги брише сите неволи и тегоби на животот...“
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Таквиот однапред знаеше дека ќе се најде во големи неволи.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
По залезите, по последната дневна тага искажана со писок на бездомна животинка што се засолнувала меѓу лисја на гранки пред рано измитарена лисица, месечината, скаменет цвет над камен, никнувала од темниот раб на многугрблестите ридишта, поточно од самиот крај на светот: жугнувајќи од невидлива фиданка кон спокојството на височините, кон тајните на сите човечки надежи, побелувала и станувала спрложена, била лик на потаен покосник со нејасна, размачкана насмевка и изгледала дека претскажува нови неволи.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Можеби за миг погледнал во избраникот на игуменијата Минадора и можеби видел дека тој е третиот што ќе му помогне на качарот Никифор да ја смени скршената оска: така е, тој мајчин син бега од неволата на болниот Неделко, се прави удрен.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Ветеринарот, стрпливо и грижливо како мајка, им ги отстрануваше неволите и им ја враќаше вообичаената кучешка палавост.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Но имаше кучиња кои не соработуваа со ветеринарот, кои го гледаа душмански или кои се преправаа и симулираа дека имаат некоја мака и невола и тогаш ветеринарот им ја забодуваше инјекцијата и тие по цел ден мирно спиеја.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Оѕви се, испрати ме. Во голема невола сум.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
Б бадијала - без пари, бесплатно, залудно батакчија - измамник, неранимајко башибозук - нерегуларна војска, паравојска беља - несреќа, невола, мака, тегоба, искушение берат - повелба, декрет, заповед, издадена од султанот, со која се давале разни права, привилегии
„Тврдина од пепел“ од Луан Старова (2002)
Ми се разбистри најпосле. Кутрата Дуда! Таа никогаш не греши кога е во прашање некоја туѓа невола.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Еднаш, кога се случи она со Бошко, пак беа со него и тој, веќе подготвен за секакви изненадувања и неволи, најбрзо од сите се созеде, небаре беше создаден не само трпеливо да ја поднесува својата несреќа, туку и да им ја олеснува на другите.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Ете, како наеднаш можат да се решат сите негови неволи.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Јас спијам со него, касајот го делам и тој деца ми прави, ама штом вчера и чумата се јави во комшии, од ум не ми излегува дека тој е нашата невола, зашто се греши пред светецот, и треба да ја добие заслужената казна. Котел не му гине, нели оче?“
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Повеќе