начисто прил.

начисто (прил.)

Уште од сред куќи кога се јави, се присети оти таа треба да биде, но кога дедот Ристе рече оти „си загубиле некое шилеже" начисто беше оти таа е.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Дождот е благодет. Нека наврне, нека... - зборуваше старецот и изгледаше како веќе да не зборува за луѓето, туку за себе, а и како да беше начисто дека тоа што го зборува не допира до нив.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
- Еве ми уште една беља! - си рече, застанат така покрај студениот труп на овцата. Не беше начисто што треба да прави.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Слуша некаков шум во сопчето, но не е начисто што е.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Како и порано, пак Толе отиде кај Андона и овој го покани да преспие кај него, ама сега веќе начисто дека Толе е излезен од дома.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Слушај, бабичке, ѝ рече строго, одвај задржувајќи се да не избувне, - немој светештва да ми шириш, знаеш со светците сме начисто.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Начисто заборавив да зборувам.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Начисто се смалувам во алиштата, што се вели, полжав се правам.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
— Како другото, велам, не знам и јас што велам, начисто ми е оветвена главата, мозокот.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Со земјата никогаш не беа начисто: никогаш не се знаеше деали следното лето на бегот нема да му притреба повеќе одошто е неговата половина.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
А всушност ние децата и не бевме начисто кој е Сталин, како што не беше начисто до крај и братот партиец кој го предложи името.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Две верувања во два различни бога се невозможни, резонираше татко ми. Со тоа беше начисто.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Татко ми во своите глобални размисли за козјото прашање беше начисто оти режимот има повеќе варијанти како да им се стави крај на козите во секоја република на Југославија одделно, во зависност од нејзината развиеност и од менталитетот на луѓето.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Бевме начисто дека со татковото заминување заоѓа­ше и нашата семејна моќ.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
И кога не си одговори, не беше начисто со тоа, дали е тоа – тој, дали сонува или е пијан од некоја волшебна напивка што владетелите ја чуваат скриена во своите подземни ходници.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Те виделе на една фотографија и веќе се готови и крв да дадат ако ти затреба. Начисто се луди по тебе.
„МАРГИНА бр. 37“ (1997)
И кога конечно решив да патувам, бев начисто и во свеста и во потсвеста, дека треба да ги напуштам сите сомневања, на загрижените за мојата иднина на обете страни од границата.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Кога нив ги прочита Лордот Џон Гордон Бајрон, пред да замине во неговата славна балканска одисеја, беше начисто за религијата на Албанците …
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Татко, сѐ уште не беше начисто каде целеше Игор Лозински, дури и кога тој продолжи: - Јагулата, пријателе мој, е вистинскиот симбол на жртвувањето.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Допуштам дека тоа е - стравот. Македонскиот поет веќе е начисто со тоа.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Повеќе