ламја ж.

ламја (ж.)

Во тоа време ете кај иделе низ море две ламји за да ги јадат штрковите; едно се приближале, и штрковите летнале пак вишно небо.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
Да се бакнеме, куме! (Го бацува бргу.) ТЕОДОС: (Се брише со гнасење.) Ме изеде, ламја!
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
Ич не ме чекај, ич не ме пекај Белград е ламња, во Белград ја роб, снага по туѓи палати оставам, снага во усти несити клавам, и дома - дома не ќе се вратам, не ќе ги пијам очите твои не ќе ја галам снагата твоја - далеку негде сувата рака по тебе, Вело, пустата мака пуста ќе остане...
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Змејко знаеше колку ѝ е лесно на таа челична ламја да се спушти надолу во еден замав, таа како од играчка би загризала во дебелиот трупец и би продолжила со една ритмичка постојаност да полетува, вивната нагоре, како некој челичен галеб, а потем да паѓа пак, и пак и пак, како од шега, трпеливо, без сенка од какво и да било напнување, без никаква измореност, сосема лесно, всушност тоа како да беше за неа единствениот начин на постоење.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Вие честито и лојално би живееле и во царство со кое владее стоглава ламја. Честитоста и лојалноста се релативна категорија.
„Диво месо“ од Горан Стефановски (1979)
сите почнавме први, вели Силе Плевнеш и едната рака си ја потклава под главата, си прави визглавје, сака да спие, и така ќе се умира, вели, барем наспијан да умрам, далечен е патот до небото, треба одморена да ја пуштиш душата, а јас ништо не сакам, вели Стеван Докуз, само да се најадам, до гуша да се наѕидам и пак почнува да цимолка и да си ги голта солзите, искрен е Стеван Докуз и во плачењето и во јадењето, никогаш не му било доста јадењето, ламја е Стеван Докуз, машина, чапја, коза пропрсната, е што да правам кога мислата само на тоа ме тера, вели, ќе се сетам на шумата наша и пред секое заспивање си мислам колку би било добро и шумата да се јаде, да можеш ко коза да ѝ влезеш, од Зајгазица, или од Чучка, или од уште подолу, од Задмартинец и да фатиш да си кубиш, да си брстиш, со ред, стрижи, кастри, наполни го мевот, напиј се вода и легни си под некоја најширока бука што ќе те павка и ќе те брани од мувите и од сонцето, а кога ќе огладнеш пак стани, и пак брсти, стрижи, мели ко гасеница, 120
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Од сите страни зинаа ламји за да пуштаат оган.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
- Богами, ваква ламја не сум видел за работа, рекол Мирче, оваа сите може да ги носи под мишка.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Сум се замислувал како голем јунак, џин кој ја убива седмоглавата ламја и ја спасува кутрата кралска ќерка... Сешто!
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Црна земјо штура земјо зошто си се отворила како ламја си зинала Кого земјо ти се готвиш да го лапнеш да го голтнеш?
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
На накривеното куќиште била заглавена над вратата икона од оревово дрво: безимен светец со чудесно лице на млад левент во пламена облека и со пламено копје во пребелите раце јава градест и гривест коњ и убива ламја со густ тутунски чад во ноздрите, боде многузаба исклештеност со грбник на костреш, а во далечина, под замагленото лилаво и алово небо, пукаат планини на чии преслапи зарѓуваат капки сонце - тече црна крв меѓу премазни камења, опашот на чудовиштето со последен бес се обвива околу младите нозе на белецот, земјата испукала од морничавост, во пукнатините повеќе се насетуваат отколку што се гледаат змии и гуштери.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Црна земјо штура земјо зошто си се отворила како ламја си зинала Попусто песната се напрегала и самата да се крене високо.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
На врвот од иконостасот голем крст на кој е распнат Исус Христос, а под него две ламји - симбол на победата на доброто над злото.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Од убави ламји, синко глава од рамена паѓа.
„МАРГИНА бр. 1“ (1994)
Убав свети Ѓорѓија, се прелапа Петре, што чудо од жена ќе биде ова? Акреп и ламја.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Боже, боженце, го молеше тој порано, та удри со тоа копје наместо по ламјата, по оваа бесна Тодора.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Тоа, изгледа, свети Ѓорѓија, што тој го изневери, ја замавна сабјата кон неговиот врат наместо кон оној на ламјата и сега само се думаше кога да му ја отфикари.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Откога се вознесува Големиот Пророк Свети Илија, со својата огнена кочија, со пар прелесни огнени коњи, шета по својот македонски мафта со буздованот бркајќи ја ламјата, за да не ги испасе житата.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
4. Меѓусвет: габи Нивните форми ни сраснуваат за погледот и се огледуваат, привидни призраци, во воздухот: чадорчиња затворени со сласна слузокожа во бела мека лека обвивка памучни жизнерадосни белутраци млечни фереџиња повлечени, со тек на време како лажни ветувања демодирани манири на постоење; дволики појави, многуглави ламји - сенките предвреме да се насетуваат со флуид на влекачи и глодари за да биде кошмарна прошетката да има наезда на невестулки да има сѐ на претек: царски ѓубрарки, сончарки или „кукмарки“ (име за сѐ!) галапки, пупавки, млечки, рујни рујници јајчарки со боја на манго на папаја, јапонско лале или јаболко летни вргањи распукани како петици како суводолица збувнати небаре херпес по грозница.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Кога бијат ровја, тој ја подготвува колата, со двата пара прелесни коњи, за да ја стаса ламјата, за да ја убие.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Повеќе