лази несв.

лази (несв.)

Лазев под дрвените седишта од кои висеа безброј машки и женски нозе.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Над Водно се таложеше сив облак, голема црна мачка што полека лази кон улицата.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Кон мене лазеа нивните искинати шепоти и сплетки во чија горчина се насладуваа, му се враќаа на животот со врела крв, бабреа од внатрешна сила.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Се знае: каде лази мариовска и полска вошка, таму има аир, а од оние суртуцине: плетварци, оровчани, крстечани, деништави, небрежани и други пограѓанети селани можат само Долзите, Зојчевци и Даут да се користат по нешто, и тоа слаба работа, од некоја басмичка.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
А тебе ти се чинеше ќе ти дојдат слугинки да ти и гледаат твојте и да ти работат, та запињај да се женат девери ти, желки по меот да му лазат, да даде господ златен!
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Се женело ли дете од десет години, желки по меот да му лазат?
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Ја газам оваа магла, оваа есенска што лази по грбот мој и `рбетот на градот и што навева студ и сивило во чекорот и што навева спомени на нешто зелено зелено Ја газам оваа сива улица што се проѕева со своите влажни штрбави вилици што гребат и што се бесат за првите пробудени звуци на утрото и што се јазат по кревките и високи скали на смевот
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Несопирливо се лизгаше по немите ѕидови, лазеше преку лочките, ме прогонуваше.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
4. будење Тогај се ведрам полека смеј се напоено време по тебе место мов израстуваат огромни мостови што укротени води ги враќаат во своите токови Оваа населба од сон заборави на лазење штом себеси и неа ја крена на крупните рамена свои
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Роденден. А умирав со илјада смрти. Во моите коски како бели глувчиња лазат ветришта, го слушаат дахот на мојот прав, прашуваат што е тоа да бидеш покоен.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Јасно е, стоногалката лази без пречки по врлест ѕид. Непрекинлив ѕид, без крај, без небо.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Лазеше. И најде она што не бараше.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Низ напукнатите ѕидови навлегуваа густи редови мравки. Лазеа по собата и се движеа преку мене.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Четвртата е далеку од нив, не лази, трча со штафета во премрзнатата рака.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
На мала цврста лединка прскаат жолти сонца под копитата на гладот Темни концентрични тежини бујат над пејсажот зрел што плаче со искри од леб Луд виор од млади надежи сонува шарени звуци – широка песна на ветрушка Огромни товари ден лазат по долгиот пат од солзи и од смев
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
По земјата, до недогледна иднина, лазеа никаквеци.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Далеку, зад багремите, двајца други старци лазеа на коленици и копаа од земјата црви.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Во таа соба на човечки немири, во тоа катче со две лоши слики на ѕидот, со маса, стол, кревет, челична каса и неколку стари и мешлести кофери, лазеа по подот проѕирни сеништа, чеда на еден страв и еден кошмарен сон, лазеа вешто и бесшумно и ја чекаа својата жртва, Стојана Ванков, тој несигурен кораб без свој пристан.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Лазејќи, ја фаќа рачката на дувалото. Павлевата глава стрчи во темната дупка.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Земјата лесно се сурива и тој, потпрен со лакти и колена, сантиметар по сантиметар лази напред.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Повеќе