космос м.

космос (м.)

Се врти тој се врти со него денот и мракот со него сето поле и сиот космос се движи.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Во овој научен свет на астрофизичари се среќаваат обични луѓе, срдечни, гостољубиви и готови да раскажуваат и да се одделат за некое време од здодевните бројки и анализи па новодојдениот љубопитен аматер, каков што бев јас, да го запознаат со тајните на космосот.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Знаеш ли, миличок, кој во тој миг може најубаво да ја почувствува суровата, единствена хармонија на Космосот?...
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Девет пати ќе ја очисти куќата и во мразно доба, кога гладните глутници, предводени од Куциот со волчја глава, завиваа низ маглата, таа, пред налетот на виугливите болки, изгонета и презрена од семејството и градскиот космос, се пораѓа во студот.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Праволиниското време не зависи од човекот, тоа започна да тече од Биг Бенг наваму - гарантен рок на целокупниот космос, секако со Ајнштајнови исклучоци и модификации, кои не ја исклучуваат основната специфика за праволиниското време: невозможноста човекот да има некакво влијание врз него.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
„Мојата намера е“, вели Burroughs, „да пишувам за времињата на летови во космосот“.
„МАРГИНА бр. 11-12“ (1995)
Светот со своите разнишани политички и етички вредности веќе не е хармоничен космос.
„МАРГИНА бр. 22“ (1995)
Медиите се одредена околина во која учествуваш, а медиската околина е пространа како космосот и ги содржи сите можни култури, не само стварноста во која моментно се наоѓаш.
„МАРГИНА бр. 17-18“ (1995)
Ние го ослободуваме терминот, симнувајќи му ги ропските пранги, за да претставува еден самопоетичен, кон себе насочен систем на организација, кој настанува во космосот во разновидни по величина системи. Во луѓето, општествата, атомите.
„МАРГИНА бр. 21“ (1995)
По игра на случај, застанаа пред излогот на една книжарница во кој, меѓу другите книги, се наоѓаа и бројни трудови за разни врски меѓу науката и уметноста: Уметност и физика: Паралелни гледања на просторот, времето и светлината од Ленард Шлејн; Книжевноста во квантниот космос на Сузан Стрела; монографии со величествено сложените Манделброови фрактали, како компјутерски генерирани, така и фотографирани во нивните многу­бројни природни манифестирања; конечно, mirabile dictu, календар за следната година илустриран со Да Винчиевите цртежи на разбранувана вода.
„МАРГИНА бр. 34“ (1996)
Наместо да се бави со сметање човекот почна да врши структурални анализи на космосот од бројки.
„МАРГИНА бр. 35“ (1997)
Секој актуален чинител се опкружува со кругови од секогаш нови виртуалности, каде што секој пушта во оптек некој друг, а сите заедно го опкружуваат и реагираат на актуалното („во средиштето на облакот на виртуално сѐ уште е виртуалното од повисок ред... секоја виртуална партикула се опкружува со сопствен виртуален космос и од своја страна секоја го прави тоа до бескрај“).
„МАРГИНА бр. 36“ (1997)
Така настанува длабока омраза спрема целокупниот космос кој со сите свои полиња и релации го обликува проектот што „експериментално“ го вклучува калкулативното мислење.
„МАРГИНА бр. 35“ (1997)
А ќе го стекнеме, продолжува Браун, ако изградиме општествена рамка за слободата на човечката игра во просторот, ако човековата активност стане игра што „постојано раѓа” (Јакоб Беме), игра веќе не со стаклени перли туку со космоси.
„МАРГИНА бр. 36“ (1997)
Но, не баш дух, бидејќи овој е премногу интелектуален за вкусот на поголемиот дел од една генерација скептична спрема „профаното” рационално мислење а склона да верува во квазимистичната моќ на интуицијата и екстазата, туку повеќе „душа” - орган на некој неодреден начин поврзан со „духот”, но, за разлика од него, благородно усидрен во чувството, коешто е или нурнато во сепроникнувачкиот elan vital a la Bergson, или е во дослух со севкупниот Космос, односно со вечноста, така што овој експресионистички орган - духот или душата - во секое време има, под услов доволно да е огнен, непосреден пристап во бесконечното.
„МАРГИНА бр. 36“ (1997)
(Нешто слично ми се имаше случено само уште еднаш; имав слаба по математика, во втора година: Земанек ме тешеше, и ми даде една книга под наслов „Космос“, од Карл Сеган; таму се расправаше за нови, незнајни светови; се тврдеше дека секоја секунда изумираат милијарди и се создаваат уште толку нови светови; тогаш за првпат ми стана смешен проблемот што го имав со слабата по математика).
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Кога денес размислувам, навистина сум убеден дека тогаш циркусот, покрај манастирот, беше едниственото место каде не важеа законите на околниот свет; тоа беше држава во држава, нација во нација, свет во свет, космос во космос; мало небо во големо небо.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Не можев да сфатам во што сум живеел, во каков кафез; не можев да сфатам дека таа лажна граница на космосот што ја поставаат системот, политиката, општеството, сведувајќи го целиот раскошен космос на три зони: секс, политика и економија, може до толку да ги затапи сетилата на човекот, та овој да престане да го гледа невидливото: подвигот, она зад онаа страна на нештата.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Ќе има документарци за сафари во Африка и за космосот од оној Карл Саган.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Обрезан, се соочи со природата мајката, морето, Марија младата се возбуди горешто ко огледало блескотна обелискот од искон создаден во него, близнак се преслика бесконечноста о, срцето на немоќта ритамот и смртноста - опсцената, ласцивната обелискот се вивна во интимниот кат, во еонот од похота по постоење со вродена моќ и смисла да биде проблесок на еросот нишан - алхемија трепетно писмо меѓу човекот и космосот веда устремена кон небесната матка за да го одрази идеално недопирливото овоплотувајќи се себеси сѐ она кое не се прикажува но може да се види со голо око створителу Куросе.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Повеќе