кади (несв.)
Попот ги сврши молитвите пред олтарот, Кушо ги дочита утрените псалми, попот ја кади црквата, Кушо отпева, и веќе почнаа и селани да идат.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Попот ги кадел момчињата со темјан додека црната брада страшно му штркнувала на сите страни, потоа првиот го поел со старо вино во кое настругал сив корен од линцура, а на другиот со капки маслинов зејтин во кои со години чувал пелин и рициново семе му извлекол од увото мртов црв или дрвеница или болва, сега е сосема сеедно синовите на бегот можеле пак да трчаат по полето и по стрмништата да вадат јајца од еребици.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Тој чекорел во свечена осаменост на обред во кој се кадат со темјан слабушкавите за битка, всушност не ги подавал рацете кон копнежи туку со здив, со чело, со врелина во врвовите на прстите џбарал слободен простор по чии невидливи врвици можело да се стаса до златни бранови на 'ржено море а во нивната лелеавост да се живее и да се чека на доаѓањето на русалките и девојките; со нив ќе е и таа, Ганка.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Тоа секоја буква од чудното сочинение што го донесе Филозофот лелекаше, врескаше и плачеше, како жив човек да е; и силен мирис на месо печено почна да кади низ воздухот на шумата, и мирис на коски изгорени, чадот и мирисот незнабожечки, хула ужасна, мирис на месо човеково печено дур до небо се креваше; и одеднаш, сите дванаесетмина видовме глетка ужасна, страшна: тврдите слова на едно место во огнот се збраа, па се распоредија во костур човечки, и станаа коски; а меките гласови во месо се престорија и во огнот од сите букви се сотвори човек што гори; косата му гореше, телото му гореше, коските и месото му гореа, и тој врескаше, лелекаше, и се обидуваше да излезе од пламената стихија.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
На син облак качен стои простум стрико Бојан Димански, ни рајски ни адски, и насмеано гледа кон земјата и кон мене и во писмото во моите раце, кое сетака чадеше и кадеше и ги гореше прстите мои.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)