испарува несв.
испарување ср.

испарува (несв.)

Ретките снежни ѕвезди повеќе висеа во воздух, отколку што ја сосипува земјата, а и кога ќе паднеа, таа, тврда и презаситена, ни ги држеше, ни ги впиваше; нивната влага просто како да испаруваше.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Тој сѐ уште се клештеше со половина лице. Од едната биволска ноздра му се испаруваше крвта.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Во неговата близина нема никого. Куќите трепетат како да се испаруваат. Проѕирните неонски светилки со безбројно шарени зраци.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Ќе ја трпиш ли довек смрдеата што се испарува од него?
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Секавично почна да прска сѐ околу него, да испарува, да го обвива во сиви крпи магла.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Малодушноста го разлокуваше; му се чинеше дека и самиот испарува со својата пот во едно непостоење.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Таа избледена светлина на прозорецот како да го испаруваше и уплашено чезнеше од разбеснетите зборови и од мрачниот заговор на сенките што се диплеа околу неподвижното тело на Арсо.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
На сите лица радост, опијанетост од убавината, од средбата, од миризбата на вкусно зготвената манџа во казаните што испарува.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Војниците зад нив ги посматраа сѐ додека не свртеа на завојот кон селото в десно и видоа како влажните алишта на грбовите им се испаруваат сушејќи се по дождот.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Но, кога се живее и се работи во него, малку е поинаква состојбата, веројатно затоа што човек се втопува во секојдневното сивило на овој град и станува една незабележителна честичка на неговото цело и затоа што со сите парижани го вдишува загадениот воздух, кој се испарува од трите милиони коли.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Велика се разбудува и носи едно стомне од бодникот меѓу врати. Ја пијам водата и водата уште в уста се вжештува и испарува. Не слегува подолу од устата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Во просторот на живиот карантин од подот се испаруваше вчерашната влага на големиот дожд.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
„Кога човекот ќе истине, крвта испарува од него.“
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
А лебот се испарува, како нечија душа да се испушта оттаму. Ќе се пресегнам и нема ништо.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Се свртев без збор за да не паднам во искушение да земам една од румените кифлички што се испаруваа од длабоката чинија на масата и примамливо мирисаа.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Ги гледале како се борат за здив и им ја мереле омразата, не по движењето на нивните усни, повеќе по задгробниот мирис што се испарувал од нив.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Како да се качувале по нагорнина, тешко дишеа, од нив се испаруваше мирис на нагорелини.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Кришум, додека луѓето се собирале да го определат местото за гроб, Лозан Перуника се стрчнал со намера да ја спречи девојката да се доближи и да ја открие неговата тајна, ноќните грчења и возбуди од кои до зелените мугри на пролетта крвта му се испарувала низ облеката.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Смогот од тавчето сѐ повеќе испарува и, испарувајќи, согорува.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Со загадочна насмевка се провлекуваше низ блутникавите рефрени и распашани подвриснувања и оставајќи ги се спушти до солениот, карпест брег, со поглед закован врз смиреното море, над кое трепетливо испаруваше Месечевиот бакнеж.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Повеќе