искраде св.

искраде (св.)

Како да се беа здоговориле со Белича; тој незабележано се искраде од бараката, кај црниците го чекаше веќе Белич готов за бегство, но како одеднаш се најдоа пак таму, сред блатото, на чун?
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Луѓето и жените се искрадоа од своите куќи како лилјаци, ги напуштија софрите и леглото и ме обиколија прашувајќи што ми е.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Не миејќи се, се соблече и се искраде од собата во која среќните љубовници спиеја со залепени грбови.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Една вечер, дури луѓето од тајфата си легнуваа да спијат, Веле потајно се искраде од колибите и отиде, сам во ноќта, на градилиштето.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Или - Мануш се добрал до пленот и во алчноста, без страв од неговите мускули, вешто се искрал во мракот оставајќи го да чека, да не дочека...
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
И наеднаш се почувствува како тие двајца луѓе, тие две исплашени копилиња, да му искрале сѐ убаво што имаше во таа утрина и во таа собичка.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
И можеа тие неколку дена, додека се искрадуваа, да ги гледаат пренатрупаните патишта со сиот имот на државата, беше како некој да ги имаше истресено, исфрлено, крај главните и други друмови, сите државни магацини, сите воени резерви, сите комори, заедно со нераспрегнатите коњи и сите други воени возила, запрени, или стркалани крај џадињата.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
А набргу од некаде почна да се искрадува приквечерината. Тоа не беше темница.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Првите ги закопуваше со соседите, а другите сама; се искрадуваше никој да не ја види, никој да не ја забележи и ги закопуваше.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Една ноќ додека туриваше како да беа распукани небесните мориња, Трајан се искраде до шумичката, се завлечка во неа и се најде отаде границата - на грчка територија.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Една ноќ, кога Маја цврсто спиеше, црнокосата кукла се искраде од нејзината прегратка.
„Раскази за деца“ од Драгица Најческа (1979)
Па после, ти велам, се искрадува Мисајле Ковачот, се истргува некако, никој не виде во тој прплец кога отиде дома и кога се врати од дома, туку еве го со пушка в раце.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И јас ќе се искрадам кога понема работа, а кога немало работа в село, а мајка ќе помине пред куќата Кузеска, ќе тропне на џамот и ќе рече: 19
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ќе се искрадел и ќе се пикнел под некој вис, во некои стискови, меѓу буките и така свирел со гајдата. Свирел и плачел и само се обѕрнувал.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Понекогаш и откога ќе си легнеа децата, се искрадував и како сенка, како ошумоглавено живинче лунѕав крај ѕидот.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Откако го растргна последното диво јаре на поило, дури отаде планина, се како опусте наоколу. неколкупати оттогаш се искрадуваше од својата јама, дење итро и претпазливо, ноќе скриена во мракот и послободна, но не најде трага на ниедно животно. млекото ѝ секна, лутите чеда, недостасани за крв, ја кинеа со гласни писоци.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Го пишувам ова ноќта пред да тргнам со воз, од Будимпешта за Скопје; спакуван сум и утре изутрина ќе се искрадам од најпознатиот европски циркус и ќе заминам кон железничката станица.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Откако тивко го затвори прозорецот, Мајка невидено се искраде од собата.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
А моите малечки деца се искрадоа од дома и ете отидоа за да можат со отворени очи да гледаат во тие грозотии. Нели е страшно тоа!
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Што сега? Почнав да се искрадувам од сокак во сокак, од свиок до свиок, од сенка до сенка - да ги избегнам патролите, полициски и воени.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Повеќе