искити (св.)
Тој ги викна децата од неговата зграда и тие заеднички искитија една висока елка во најголемата соба од станот на Зоки Поки.
„Зоки Поки“
од Оливера Николова
(1963)
Китна и убава е Осогово Планина. Особено во пролет, кога ќе се искитат со зеленило убавите стрмни зелени падини.
„Гоце Делчев“
од Ванчо Николески
(1964)
Другата е искитена и подредна со поинакви и попривлечни работи што при прво влегување збунуваат и занесуваат: ѕидовите, масичките, прозорците и ќошињата се искитени со сликички од секаква големина и изработка: чоколади, од весници и списанија, божиќни и велигденски ангелчиња и светци промешани заедно со татко му на Колчо кога бил војник, со брат му на Танаса, со мајка му на Васе кога била невеста, со татко му на Колета кога го закопувале и, најпосле, со дедо ми - кога на некоја веселба во рацете стиска кренато буре.
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)
Зад завесата од роиштата лесни снегулки, тој ги гледаше отспротива буките, чудно искитени со дебели, снежни наслаги на гранките, во чуден сплет, во чудно испресечување на бели и црни линии што го создаваа вкрстените стебла и ветки.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Сјајот на скапоценостите во нив засенува на секој чекор и човек би помислил дека падишасите се натпреварувале еден со друг своите престоли да ги искитат со повеќе злато, дијаманти, смарагди.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Тоа биле студени години во кои сиромаштијата под планинската црногорица му плаќала на султанот данок со крв, кога делии со зелени чалми ги собирале машките деца и ги носеле во булук кон Стамбол и кон Едрене, таму да ги потурчат, да ги научат да бодат со копја и да сечат со синџири, и самите подоцна, како брадести јаничари искитени со шарени перја и натоварени со топузи и криви сабји, да собираат нов данок во крв и да се борат против ајдутите во чии чети бил и Парамон Мечкојад.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Земјата смекнува, негде веќе богато се искитени лилјачињата, кон орелот лета неговата придружничка - утре таа ќе лежи неподвижна меѓу недостапни карпи врз јадри јајца, а околу мене земјата беше гола и штура, македонска.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
И врбите и јасиките ќе се покријат со зелени дамки, дренот ќе се искити со жолт цут.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)