избакне (св.)
Рипнале сите просто и на врата в куќи го пречекале, сите плачејќи го избакнале и здраво и живо сториле, а Силјан им бакна на татка си и на мајка си десница и проштење им сака за клетвата што го втаса.
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
Митра ѝ притрча и ја дочека: — Бре, добре дојде, невесто Досто. — Бре, добре најду, сестрице Митро. И се избакнаа тука среде двор.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
— Море ми, како ти текна и воа да го направиш златна, Доле? — праша со восхитеност Доста Макрева и ја фати за врат небарем ќе ја избакне.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Доста ја избакна, избакна и ја кладе пак во лулката, па се зафати со работа.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Што стана? – со треперлив глас го праша кадијата Јунуса не отпоздравувајќи го и не слушајќи ги поздравите од Рифата и забитот, што влегоа по него. – Готови се кади ефенди, готови! – Готови? – радосно викна кадијата и се стрча кон Јунуса, го прегрна, го избакна и почна да го тапка по плеќи: – Бравос, бре синко Јунусе, бравос!
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Аџиите веднаш се наредија во редот на прилепските, битолските и тиквешките бегови и се избакнаа со нив во знак на братство и рамноправност.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Таа го испрати до портата, ја отвори вратата, го избакна и рече: Ајде, синко, нека ти е среќно!
„Гоце Делчев“
од Ванчо Николески
(1964)
Да живее новиот член на нашиот таен револуционерен кружок! - викнаа членовите на тајниот кружок, станаа и го избакнаа.
„Гоце Делчев“
од Ванчо Николески
(1964)
— Ја избакна пушката како Стојна и децата ноќеска и ја нарами.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
— Добредошол, добредошол! — повикаа сите четници и се избакнаа со новиот другар.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Го прегрна Тодор Толета и го избакна. Се избакнаа и неговите четници со Толевите и Толе ги поведе по мракот сите кон Вепрчани, откаде уште истата ноќ ја прејдоа Црна и ја фатија жиовската Станоновица.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
На разделба и родителите и децата го избакнаа мачорот и си отидоа.
„Раскази за деца“
од Драгица Најческа
(1979)
Слатката моја мајчица, колку пати ја избакнав пред да се решам да ја ставам на ѕидот.
„Друга мајка“
од Драгица Најческа
(1979)
Кога се врати од војска, по три години, не поседе в град ни три недели, туку еднаш, во делник, сред лето, во време жетва, неочекуван од никого достаса во Потковицата; првин бил дома си, се видел и се избакнал со деда си Блажета, потоа собрал фотографии од сите домашни, и - се огласи од Молитвена Вода.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
„Супер“ си поминав со дедо на Пелистер! тие двајцата ме прегрнаа и се избакнавме.
„Јас - момчето молња“
од Јагода Михајловска Георгиева
(1989)
Ги прегрнав и силно ги избакнав двете, тие за мене најсакани суштества на светот.
„Јас - момчето молња“
од Јагода Михајловска Георгиева
(1989)
Таа застана на рамото Дедомразово го избакна највистински.
„Авантурите на Дедо Мраз“
од Ристо Давчевски
(1997)
Последни на Деспина ѝ честитаа зетот Михали и Милка, тетките Сава и Танаска редејќи подароци врз нејзините рамена, помалите сестри Митана, Василка и Елеонора ја прегрнуваа и ја бакнуваа, а кога пред неа застана мајката Роса, Деспина се наведна и ѝ бакна десна рака при што малечките очиња на Пела забележаа како нешто се префрли од дланката на баба Роса во дланката на дада Деспина, ама и објаснувањето дојде од устата на баба Роса која со растреперен глас надвладеа над вревата Ва лирта, мајкина, у р′кта ми а стави мојта мајка а у нејнта нејнта мајка на ваков ден за срејќа зравје и ск′па љубов! и сега она се посегна и ја избакна ќерка си во двата образа измешувајќи си ги истовремено и солзите.
„Црна билка“
од Ташко Георгиевски
(2006)
Тој си го избакнал детето во лулката, нежно ја прегрнал саканата, и таа цела ноќ го слушала како ѝ липа врз градите.
„Црни овци“
од Катица Ќулавкова
(2012)
Кога мислат дека е нивниот ден, а всушност е само најнервозниот во животот во кој ќе се избакнат по 7 пати со истите луѓе - кога ќе дојдат, кога ќе речат „ДА“, па уште еднаш кога ќе речат „ДА“ во црквата, па кога ќе се фотографираат, па кога ќе им го предаваат пликот, а тие под прстите, од дебелината веќе знаат колку им се блиски или далечни, па кога ќе се разигра невестата и кога тие истите, од многу мерак дека ептен добро играла, ќе ја зашлапаат по трипати по образите и по шминката која дебело си ја платила... сѐ до бакнувањето заради тортата и бонбончињата!
„И ѓаволот чита пРада“
од Рада Петрушева
(2013)