застој (м.)

Но ако во историјата на културниот развиток на еден народ има два периода, меѓу коишто има еден како трети, но којшто е период на застој и е како непреодна стена меѓу нив, – тогаш во новиот период на развитокот на националното самосознание имаме преродба на народниот дух, коешто станува вистина врз стара основа, но во него влегуваат многу нови начела, во согласност со духот на времето и со специјалните потреби на народниот живот и неговите пројави. 160Таа преродба се одбележува и во книжевниот јазик и правописот: како едниот така и другиот се горе-долу слободни од некои традиции што не се согласни со современата состојба на разговорниот јазик.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
По мал застој, Луков го почнува движењето по истата врвица, но сега во спротивна насока.) Во ред.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Напредуваа без застој. Забележа, птиците што го следат бродот ги напуштаа – знак дека Островото е далеку зад нив.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Застој, велам, неисправна капсула или нечистотија околу ударната игла.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Но, мојот пријател Хорацио Цвикало има поедноставно објаснување: нервните рецептори се заситиле од ’рмбање без застој, па решиле да штрајкуваат. Ненадминливиот Хорацио!
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Имав среќа со инженерот кој добро ја контролираше работата и кој, и кога ќе се појавеше некој застој заради големо дрво, или карпа, ме тераше да не гледам на тоа како на голем проблем, дека машината и неговите луѓе тоа ќе го совладаат.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Таа проста вистина многу добро ја знаат оние што се решаваат да влезат во нова акција и на кои, впрочем, животот им станува живот на пречки и застои, на подеми и падови.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Во тие исчекорувања и застои на неговата бирократска кариера, помина повеќе од половината на неговиот работен век и четврт век од бракот со Лила, кога започна војната и кога кабинетот на Првиот министер го именува на високо место во Комесаријатот за еврејски прашања, а потоа и за делегат на тој комесаријат, деташиран во новите предели на новата мисија во Скопје.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Ги замоли двајцата колеги, шоферот и една постара колешка, да појдат нагоре по патот, кон буковата шума - и онака застојот изгледаше дека ќе потрае.
„Сонце во тегла“ од Илина Јакимовска (2009)
Спретните движења на касиерката, извежбани така за до бескрај да го одржуваат истиот монотон интервал на потсвирнување на читачот на бар-кодот, и лицата на останатите во редот кои изгледаа како секој миг да ќе ја нападнат ако не дај боже се случи некаков застој, не оставаа можност за разговор за, на пример, времето, смртта на Харолд Пинтер или тукушто откриеното племе во Бразил.
„Сонце во тегла“ од Илина Јакимовска (2009)