доискаже (св.)
4. Или Мисирков, поради непостоењето на претходни истражувања, не можел да ги согледа процесите во развитокот на македонското ослободително движење во неговата целост или пак, во брзината со којашто ја подготвувал книгата, просто не успеал да се доискаже, да го прецизира својот исказ, зашто и во македонската историја националната борба ѝ претходела на политичката: најпрвин се развива движењето за свои цркви и училишта, за свој јазик и учебници, т.е. за национално-културна афирмација во рамките на Турција, па дури потоа и знатно подоцна за организирана борба за „политичка автономија” и за ослободување од Турција.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
На старицата ѝ паѓа тешко разделбата со внукот и затоа го држи со ковчестите прсти за тврдата дланка и прикажува, малку побрзо отколку обично, како да се плаши дека нема да ги доискаже сите свои мисли што ја исполнуваат незината осаменост.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Никого не го дослушува, никому не му дава да се доискаже.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Знаеше и самиот, слушајќи ме, оставајќи ме да се доискажам, пред присутни сведоци, дека слегувам уште подлабоко во спиралата на големата и непростлива ерес во атеистичката земја.
„Атеистички музеј“
од Луан Старова
(1997)
Братучед ми сигурно се вознемири затоа што шепотот му прејде во тивок, од нервоза растреперен говор: - Не сум стоел јас кога сум мочал, тоа... - не успеа да се доискаже бидејќи тетка ми го прекина со едно гласно „шшшшшт!“ па братучед ми повторно повтори со шепот, како претходно да не го слушнале.
„Чкртки“
од Румена Бужаровска
(2007)
Претходната ноќ врнело. Дождот не се помирил со минливоста. Упорно сака да се доискаже.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Желбата на записот е повеќе да се опише отколку да се објасни, и за мене самиот, досегашното повеќедецениско молчење, здржаноста да се доискаже во стихови мојот однос кон Рацина и кон неговото пеење, поривот но и несигурноста на моето доближување до него, почитта па отаде и стрептежот од јавно кажаниот збор на што толку мудро ни укажа Блаже Конески, дрзоста и дораснатоста на младиот поет да проговори со јазикот на песната за Рацин, за Рацин што го пробуди во нас идеалот на јазикот и убавината на поезијата.
„Елегии за тебе“
од Матеја Матевски
(2009)
Зачудувачки е тешко да се доискажеме себеси.
„Записки“
од Милчо Мисоски
(2013)
Стариот поп Васил, му пријде со растреперен чекор, со коскените раце го фати за рамо и со скршен глас му рече: - Држи се брате и синко Ѓорѓи... - попот не се доискажа.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Откако ја вкусија и пофалија мајсторски подготвената баклава, Камилски се најде повикан да се доискаже за потеклото на баклавата: Постојат тврдења дека баклавата прв пат се појавила во Централна Азија, според други во античка Грција, а според трети во Сирија.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Татко не се доискажа, очекувајќи Камилски да запраша: Кое би можело да биде тоа подрачје?
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)