дебелина (ж.)
Станаа какви што ретко можат да се видат во светот: во едната имаше илјадници ситнурии и матракулки: од игли за плетење и крпење до часовници што некогаш имале разноразни задачи: да ѕвонат, да тикараат, да гукаат на ѕидови и да се тресат по мали џепчиња; па потоа конзервички и тенеќиња со шарени обвивки и со натписи што можеш по цел ден да ги читаш и да не ги протолкуваш; шишулиња од разни големини и дебелини, кои можат да се носат воврени во прстите или пак наредени како цевки под мишките; белезички, прстенчиња, ножиња со рокчиња, шарени стомничиња, свирчиња, а потоа: рачки од чадори, поткови, бургивчиња, тркала од колички, панаѓурски штракачиња и што ли не.
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)
Повремено излегуваше од пртта, која на места веќе се црнееше, што беше знак дека снегот брзо се топи, излегуваше на неколку чекори преку сѐ уште високите бедеми од натрупаниот снег, и ја мереше неговата дебелина.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Дебелината на снегот што ја измери утрово, го исплаши.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Си рече дека е тоа поради широчината на бечвите и дебелината на искрпениот шајак.
„Будалетинки“
од Мето Јовановски
(1973)
Топлиот дожд што непрекинато паѓаше, некогаш силен, некогаш само како росичка, постојано и сигурно ја смалуваше дебелината на снежната покривка.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Но поради нејзината дебелина, таа не го осеќала.
„Јанsа“
од Јован Стрезовски
(1986)
Кога ја гледал од подалеку, му изгледала убава, складна средна дебелина, но кога ќе ја видел одблизу, впечатокот го менувал, се пишманел.
„Јанsа“
од Јован Стрезовски
(1986)
Од физиката е позната особината на белиот зрак да се обојува црвено, со поминувањето низ запрашената полипроѕирна средина со извесна густина и дебелина.
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)
Истото, што е речено за дебелината и скржавоста се применува за растот на градоначалникот. Вистинскиот раст е меѓу 6 и 8 лакти.
„МАРГИНА бр. 29-31“
(1996)
Што сака нека биде, желбата што го носи е поголема од дебелината на снегот, посилна од гладот, од свирењето на северецот.
„Авантурите на Дедо Мраз“
од Ристо Давчевски
(1997)
- Морам да внимавам на исхраната. Не поради дебелината.
„Човекот со четири часовници“
од Александар Прокопиев
(2003)
Ги раскрили двете врати од задниот дел на карванот и почна да го товари багажникот неисчистен откако го беше купил како половен: ногалките од школската табла, топот платно, летвите за распнување на парчињата платно во различни формати, рачна пила, чекан за ковање прави и клешта за вадење криви клинци, полни кантички со нови бои, врзоп четки во сите должини и дебелини, пачка шпахли, самоделска палета од шперплоча во облик на енормно зрно грав, шише со терпентин и шише со растрворувач, а на крајот и куп крпи за бришење на маслосани раце и по некој мрсул солза.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
И не рековме ништо за дебелината? - Не рековме - се согласив со него - не рековме бидејќи жената е онаква какви што се сите жени што живеат без комоција.
„Синот“
од Србо Ивановски
(2006)
„Ги има двајца.“ Како и секој кој прв пат го слуша гласот на Бил Девит, Боб се сепна од дебелината на звукот.
„Невестата на доселеникот“
од Стојан Христов
(2010)
- Дебелино! Каде си? - крикна панично и се одвлечка до прозорецот.
„Азбука и залутани записи“
од Иван Шопов
(2010)
Кога мислат дека е нивниот ден, а всушност е само најнервозниот во животот во кој ќе се избакнат по 7 пати со истите луѓе - кога ќе дојдат, кога ќе речат „ДА“, па уште еднаш кога ќе речат „ДА“ во црквата, па кога ќе се фотографираат, па кога ќе им го предаваат пликот, а тие под прстите, од дебелината веќе знаат колку им се блиски или далечни, па кога ќе се разигра невестата и кога тие истите, од многу мерак дека ептен добро играла, ќе ја зашлапаат по трипати по образите и по шминката која дебело си ја платила... сѐ до бакнувањето заради тортата и бонбончињата!
„И ѓаволот чита пРада“
од Рада Петрушева
(2013)
Утрото се жалеше на својата дебелина и на болките во стомакот.
„Знаеш ли да љубиш“
од Ивана Иванова Канго
(2013)