грст (м.)
Беличот веднаш зацрпи со грст од рибите и му ги подаде: – На, чичо.
„Бегалци“
од Јован Бошковски
(1949)
Човек се наведнал над сандакот со брашно, црпе го грстови и полни торба.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Уште со идењето на Стоја, Митра му истури еден грст солзи.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
А, бре ќешки за плаќање нека е, колај работа! — рекоа деверите и фрлија по еден грст ситни пари преку дупката.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Сѐ во неговиот живот: трите маслинки, градските стреи, црвениот и голмански дрес од студентските години, покерот и платените жени пред и по матура, сѐ, и извикот -да живеат сите ножови на светот. Сето тоа што сега е грст спомени.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Тогаш, на ова исто место со запомнета слика: грст печурки под стебло, јаз, љубовна трка на кратковечни вилини кончиња.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Добра беше таа. Од последниот грст брашно му меси леб, го прекрсти и го натопи со солзи, потоа му го предаде со благослов.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Заради грст гладиоли ли замавнувам со нож на некого во секој час?
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Кос-коџа цареви и кралеви се тресат пред силниот падишах, та еден грст горјани ќе се спротивеле; не го верувам тоа!
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Се престоруваш земја и камен. И длабоко со тебе ќе пропаднат нашите грстови вода за да остане пусто ова распаќе без корени и без деца!
„Вардар“
од Анте Поповски
(1958)
Ги полневме своите малечки грстови вода. Ги вовлекувавме длабоко в земи и те поевме.
„Вардар“
од Анте Поповски
(1958)
Размислувајќи ја согледуваше вистината: можеше со грстови да расфрлува околу себе туѓи пари, да пие и да крши купувајќи и музика и лажно пријателство по крчмите и пак да остане со темно и врело чело - болен заради болеста на брата си и смешно несреќен без Јана.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Беше тоа еден бакарен јамак, во кој предмалку стави еден грст грав и го дополни со вода, под водата гравот се белееше многу побело од снегот и зрната жевареа испрекршувајќи се во одблесокот, а сега сиот грав имаше жебурави лушпи додека зовираше, и јамакот црвено проблеснуваше со својата загреана бакарна површина.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Ја пикна во устата и јадеше цел грст, а во неговите очи не стоеше сега ништо друго освен таа лакомост, додека грутките земја се стркалуваа низ гробот и удираа, одекнувајќи тупо во чамовите штици на сандакот.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Карамба-Барамба, секако не сфаќајќи ме што мислам, отиде во една колиба и донесе грст ретко тесто.
„Сенката на Карамба Барамба“
од Славко Јаневски
(1967)
Стана, зграпчи грст снег, го стегна во грутка и замавна удолу, кон поточето.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Го остави подолго време добитокот надвор, убаво ја исчисти кошарата и во чест на јужниот ветер, говедата и овците, покрај зголемената дажба од сено и царевиње, добија и десетина грсти крма.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Се нагрвалија околу вреќите. Шаќир почна да тура секому по еден грст црн прав и по една рака куршуми.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Завршувањето на војната луѓето го прославија шеметно: ја собраа сета комина што ја имаа по бочвите и каците и ја турија во селските казани да се вари; црпеа луѓето со чашки, со канчиња, заграбуваа со грсти уште од првата протока и пиеја; пиеја како да се натпреваруваа кој може повеќе да испие, кој може побргу да се опијани, збрлави; се бацуваа меѓу себе, се гушкаа, се миреа скарани, си ги отпетлуваа кошулите на градите и си ги даваа срцата еден на друг; ги собираа шлемовите од војските расфрлани по бавчите, ги навираа на колови и ги гаѓаа или се мочаа во нив; трчаа по секое преживеано добиче да го колат; се правеа заеднички гозби на широкиот пат крај езерото; кој како ќе донесеше нешто за колење, така луѓето викаа: „Придај господе!“ и му го удираа ножот; кој немаше добиче, носеше кокошка или петел; петлите, пред да ги заколат ги испијануваа со ракија: нивното кукуригање беше највеселото нешто: се натпреваруваа кој од кој посилно ќе пее.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
За спомен ми подари грст стихови, на кои се потпиша.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)