бестрага (прил.)
Вистински безобразен гад... Бестрага!... Доста беше...
„МАРГИНА бр. 21“
(1995)
Јас веќе сосема ги имав пленето сите во класот со мојата уметност на разбојот, и бидејќи изведував секакви вратоломни фигури на разбојот, бев еден вид општ херој (освен за Луција, која од инает не ми посветуваше никакво внимание; јас веќе реков дека тој инает тогаш не го сфатив онака како што требаше, како маскирана наклонетост, оти бев во бестрага чесен и неупатен во општествено верификуваните ритуали на маскирање на чувствата, па за мене инаетот значеше – инает и ништо повеќе).
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Твојот пат е
твојата светост.
Твојот пат сочинет од
име и идентитет
и другите
подзаборавени
потценети
распродадени
за туѓ ќеиф, по сопствена вина
- доблести и добра
сега и материјалните
територијалните
егзистенцијалните
сѐ
за да бидеш
и никој, и ништо
и да се рассееш
по светот
БЕСТРАГА, НЕВРАТ
ЏЕНЕМ, ПО ЃАВОЛИТЕ
надвор од јазикот...
Но твојата трага
- длабоко втисната
тетоважа
на светот -
не е само твоја.
Не скршнувај
од својот
Дом
народе мој!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Зошто надоаѓа како да доаѓа од бестрага
од кајшто заоѓа сонцето
кајшто земјата и небото исчезнуваат
како играчка зафрлена во потонот на баба?
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Сите филмови што сега, разлигавен, во главата ги правиш за мирно трето доба, со сите театри и опери кои сакаш да ги посетиш и да ги видиш и чуеш, сите книги што сакаш да ги читаш во двојка или, барем, како школска лектира да ги обработуваш со неа, затоа што таа те разбира најубаво и, додека молчиш, таа ја слуша твојата тишина и кроце пушта рака на твоето колено, кое потскокнува од тоа што нервите ти се отидени бестрага, се утопија, се разбира (тоа филмовите).
„И ѓаволот чита пРада“
од Рада Петрушева
(2013)