барут (м.)

Света е куќата моја: со барут и железо полна е; не ќе ја срами Неда родината своја.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
— А бре ми, кај си, стопанка му, од кога не сме се виделе. Загинаме, без зрно барут.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
- Седиш овде и чекаш пилиња божји со барут да ги изгориш.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Востаникот-тобџија се наведна со запалена борина над горниот отвор од топчето и, пред да го запали барутот, проговори: - Ајде, братку, покажи си ја силата...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Тоа го знам и би сакал уште да знам - кога можам да заминам кон чистилиштето на една планина како економ.“ Се потпиша и го здипли писмото со невешт искинат ракопис, по малку очаен зарад својата искреност, овој пат без капка цинизам, но и зачуден дека човековата биографија може да се набие в кожура како неколку зрнца ситен и безначаен барут.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Беа тоа едни големи фишеци, полни со црн барут и со една затка мечкин лој меѓу барутот и зрното, направено од чисто олово.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Мирисаше на барут, на чад и скапана слама.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Коле со мака успеа да објасни: - За барутот.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
— Капата, бре пес! — го искара Крсте детето и ова го симна од главата својот извалкан фес и го прибра барутот и сачмите, а откако се истави од Шаќира, си ја нарами кремењарката, фати горе Жиовскиот дол, та си отиде дома, мислејќи во себе.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
На три четири метра внатре од стената на која заработи Толе со Јована, каменот престана и се јави мека земја, згодна за работа без барут.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Се раздаде барутот и се расподели народот по планот.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
33. ОГАН И БАРУТ НА ЕДНО МЕСТО СМЕ КЛАЛЕ - кој во тоа не ги гледа мажот и жената лично, и не сакајќи тие некогаш сѐ од себе би дале да стекнат својство на такви експлозии слично...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
Врвам така низ буките, засмрдени од барут и од раскопана земја.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Луѓето се бели во лицето, од страв, од барут. Ништо не им се зборува.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Нозете ми се набиваат, секоја рана се фаќа за кожата. Небаре искра за трвлачка, за барут.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Потоа гласот наизменично редеше песни и ги галатеше сите Турци, а најмногу него, дури може да се рече дека само него, Арслан бег; го набедуваше дека тој, Арслан бег, со дружината ги исклал Акиноските и го повикуваше на мегдан - ако е јунак, како што се прикажувало за него, и ако му јади газот стодрам барут.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
— Ќе ти се навлажи барутот, ми вели.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
И се случило Панделиј Каламарис трипати да се споулави: еднаш кога останал сам и ранет во рамо меѓу своите мртви борци (и болен водел чета темни пушкари) со кои раснел и сонувал битки; потоа кога војводата Зигас, за да не се предаде жив, фрлил запален факел во бурињата со барут и, чиниш се здружиле стотици молњи и громови, летнал на парчиња кон сонцето покриено со чад; најпосле, кога десетина жени со дребни дечиња в раце се фрлиле за одбрана на честа во водопадите на Црна Река, меѓу нив и жената на Панделиј со близначињата.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Најпрвин бил водач на маски со кои се распоредувале бурињата со барут носени од места и по патишта што само тој и главарите ги знаеле, потоа му дале да определува деноноќни смени во работилниците за оружје, да бдее над мајсторите, да ги испитува пушките и камите и, според распоредот на бунтарскиот командант Кара-Тошо, да им ги доделува на нестрпливите чети на чие чело веќе стоеле војводи.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Со крв и барут се бранеле востаниците сѐ додека пашата Емби Лобуд не насобрал неколку илјади борци.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Повеќе