ќурк (м.)
Сулоага, со ќуркот на едното рамо, чибук од половина метро в уста, едвај го лапа ќилибарот, се шетка и прави муабет, де со еден, де со друг чорбаџија Распрашува за дома, за деца, за стока и за бериќетот.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Сега, додека стоеше пак на прозорецот, загледан во веќе речиси зарамнетата дира на оние, што заминаа, на Змејко пак му се стори како да го виде тоа зачекорено човече, поклапушено од високата јака на кожниот ќурк и пак ја сети во себе желбата нему дури и да му намавне.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
После тие ги тресеа со метлата и своите ќуркови, во чија волна на јаките снегот беше така впиен, што можеше да биде исчистен само кога ќе се стопи.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Она старче, со рамото што му остануваше покусо и покрај кожниот ќурк, сите во нивното село го знаеја како човек, кој некогаш знаел да работи и кому на еден безмилосен и ужасен начин му беше одземено тоа.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Султана му го донесе фесот и ќуркот.
„Гоце Делчев“
од Ванчо Николески
(1964)
Катето истрча пред Адема и го зеде неговиот ќурк од лисичка кожа та го закачи на колот под полицата, а Адем го зеде ќуркот од Јована и го закачи на другиот кол.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Во својата голема одаја со чифит-ѕидови испрскани со златни капки (ѕвезди или дукати, стремеж кон пророковото стојбиште или бројки колку е издадено од неговата азна за издржување на медресата) не можел да ги преброи во сарајот ни атовите ни сеизите, ги штракал бројаниците над разгорен мангал и го чекал езанот на оџите да му се заблагодари на пророкот за сите добра на овој свет, потоа нагрнат со ќурк и со невидливи гавази зад себе стоел пред нејаките пупки на разбудените каранфили или замислено ја слушал опивната тага на чалгиите.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Ване немаше друго, освен да си помисли: кусур по кусур - учкур, учкур по учкур - ќурк, ќурк по ќурк - куќа: така се станува домаќин во сите времиња, така се станува домаќин и во сите невремиња.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Двајца дервиши се ѕвереа тапо; од една блиска порта излегуваше еден грдосија со голем турбан на глава и со ќурк само наметнат врз раменици.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Првин заедно го ископавме гробот, а потоа тој замина кај браната да го земе ќуркот.
„Братот“
од Димитар Башевски
(2007)