удобен прид.

удобен (прид.)

Тој термин не беше лош од турско гледиште, а од грчко тој беше многу удобен, зашто со него најубаво можеше да биде искажан презирот и омразата на Грците кон нас.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Вечерта навистина кадијата му донесе по една кутија локум на секое; ги навечера убаво; им наместија удобни легла во две-три одаи и продолжија со добрите однесувања.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Таквите слики не им беа пријатни и тие се чувствуваа некако виновни пред своите совести што ја напуштија верата и својот род, станаа предавници, заради удобен живот.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Одајчето личи на голема удобна кабина на брод што нечујно плови.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Едно обично биро, еден удобен железен кревет и уште еден скромен работен кабинет и една обична вазна за цвеќе.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Оваа кожа е исто­времено удобна и агресивна како и хипостазата на руската свест: тради­ционален занес и мазохизам, русофилско непријателство и лошотија, едното и другото спротиставувајќи се меѓусебно без причина.
„МАРГИНА бр. 11-12“ (1995)
Затоа е важно да разбереме, да се отарасиме од удобните каучи и да станеме активна публика, во однос на технологијата која доаѓа.
„МАРГИНА бр. 17-18“ (1995)
Ми рече дека токму треба да потпише уговор за изнајмување на еден стан во таа зграда. живееја во оној удобен хотел откако се дојдени во женева, речиси шест месеци порано, и брзаа да се преселат на некое место кое повеќе ќе личи на дом.
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)
Со едната рака во џебот и со парче леб со џем во другата, Џулија шеташе низ собата, погледнувајќи незаинтересирано на полицата со книгите, предлагајќи го најдобриот начин како да се поправи масата на расклопување, спуштајќи се во излижаната фотелја за да провери дали е удобна и разгледувајќи го бесмислениот часовник со бројчаник само на дванаесет часови со еден вид толерантен потсмев.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Со дланката удри неколку пати по него како да се поттупкува самиот себеси по плеќите и се завали во удобната навлака од столицата.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
И имав потреба да сторам за него нешто што би му било пријатно, јадењето да е вкусно, облеката да му биде испрана и испеглана, креветот да му биде чист и удобен.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Дупката што ја издлабив во ѕидот се чини води в неврат ако го изземеме удобното сврталиште на семејството стаорци и прилично згодно зацврстената закачалка во влажниот агол на која виси мало јато лилјаци.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Неколку пати се обидов да го убедам да го смениме локалот, чисто за промена, ама бадијала: Лос Анџелес е огромен град на осамени луѓе, а во француската кафетерија Карло сите го познаваат - па зошто тогаш тој би се откажувал од таа удобна позиција на маалска икона?
„Бед инглиш“ од Дарко Митревски (2008)
Од удобен сонувач да не се претворам во дремлив кодош Кој нема што да прави та слуша туѓи муабети Поточно ми беше непријатно од туѓите муабети
„Сонот на коалата“ од Ристо Лазаров (2009)
Тој се бранеше со изборот да се живее без избор и неговото значење, ниските надоместоци и експлоатирањето на работниците, ужасите на капитализмот, празните семејни ветувања за наследство кое себично се чуваше за да се осигура удобната старост и грижата.
„Ниска латентна револуција“ од Фросина Наумовска (2010)
Клупата не беше удобна, а таа не знаеше од кои причини Кети го постави плетениот стол на тревникот, но нејзе оваа клупа ѝ се допаѓаше затоа што таа беше сместена крај малата воденичка за мелење на жито, која ја пееше својата таинствена песна, и беше поблиску до бавчите.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Црните чевли на доктор Станеф, што му стигаа до глуждовите, избегнуваа да стапнат на чкрапливите дрвени штици во неговата стара канцеларија, и тој сега со својата бела шилеста брада личеше на ”бегалец”, или како некоја намусена мачка, која со своето семејство се преселила во удобна стара фармерска куќа, во тесна мала колиба или во мало станче во предградието.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Забележав оти ја фрлив актовката врз работната маса и шумно паднав во мојот удобен стол.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Без сомнение панталоните беа практични и удобни, но жените што носеа панталони за Кети беа некако непристојни, особено дебелите.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Здржани постапки што не смеат дури ни да потсетат а камо ли да ја употребат онаа толку природна забелешка што многу е присутна во вакви случаи: дека на овој удобен дом му недостасува само уште женска рака.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Повеќе