удвои (св.)
Не одморајте, не заспивајте. Бидете будни и на штрек, удвојте ги стражарите, утројте ги доушниците, ѕиркачите и пазачите.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Брзина на светлината
- Cour carré -
Како што затвореник излегува на прошетка
под надзор, сам и молкум
да се насладува горко
на дневната светлост
инаку обична, тогаш света;
како што несвесното си го подава грбот
на есенското сонце
да се згрее
а лицето да остане темно, како Месечина
од онаа страна на видливото;
како што затрупаниот бунар
посесивно и со мака
ги чува подземните води
усовршувајќи ја мајсторијата
да ги заташкува трагите
и да создава привид
на секнат извор;
како што квадратот е круг, и крст
и триаголник, удвоен симетрично и синхронично;
како што жената си краде од сонот
за да добие време
за да биде „нешто повеќе";
како што нема добивка ако нема загуба
како што нема сенка ако нема предмет ;
како што медитацијата бара отсутност
при подотворена свест за светот
и душа
а енергијата е материја помножена
со брзината на светлината на квадрат
- така дворот врамен со ѕидини желно
кон небото над Лувр зинува
се простира префинето како акт на Роден
или можеби на сестра му, Камила
со намера да го покаже
замислениот ерос на торзото
видено одзади
метатеза на тихоста
манастирска и метрополска;
- така стихијно надоаѓа тихиот дожд
желбата да бидам во средиштето
на симетријата бесконечен и рамнодушен број
ослободена од суета, од неразумно самољубие
зашеметена од ненадејната рамнотежа
на крстот, на квадратот, на кругот
и да се успокојам, ако веќе морам
оти со толку тревоги од различно потекло
добивам порив да излезам од себеси
а потоа како ќе се сложам и составам
во едно, знам ли?
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Синот, повторно, за да докаже дека таткото не е во право во мислењето што го има за него, прави секакви мајмунлаци за да му се доближи на таткото и да го придобие неговото внимание, но како контраиндикација, наспроти тоа, успева само да го оддалечи и да ја удвои нетолеранцијата меѓу нив.
„Вител во Витлеем“
од Марта Маркоска
(2010)