туѓинец м.

туѓинец (м.)

91. Иако имаше силни манифестации на македонската национална свест уште од половината на минатиот век, сепак 1890 год. претставува значаен меѓник во македонскиот национален развиток, бидејќи тогаш најизразито се почувствува активноста на туѓите националистички пропаганди и настана нагло и моќно раслојување на поранешната единствена народна маса што предизвика и најсилни бранувања сред македонската интелигенција за отпор против туѓинците и за народно единство.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Тешко е, мачно, страшно е туѓинец да си, гост да си, в својата земја таткова. Нација сме или не?
„Робии“ од Венко Марковски (1942)
- Немојте да ме стрелате. Туѓинецот е вкочанет. Нема сила да падне на коленици.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Нозете на туѓинецот се несигурни. Полесно му е да не стои.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Не стебла - карпи од неплодна земја, три лути заседи, синови туѓи на туѓинецот.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Кажуваат дека судските стражари го спровеле во едно далечно пусто поле, да живее како туѓинец и да ја издржува казната.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
„Не лути се што немам со што да те послужам.“ Беа изменети, се чувствуваа еден пред друг како туѓинци случајно сретнати на тесна врвица.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Можеше тој да си лежи во топлото гушкање на младата убавица. Нив провидението ги чува. Проклети туѓинци!
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
16. КОГА Е В ТУЃИНА И СОКОЛОТ ГО ВИКААТ ВРАНА - не оти на туѓинците со јазик неразбирлив им грачи, туку оти со крилјата поткастрени тој таму и станал но бела врана на другите птици јајца да им квачи...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
Нивната милост се престорува во милосрдие. Ја свртувам главата настрана и пак се гледам запашкан, како туѓинец во постелата. Како тезгере фрлено, запотегалено.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Навистина, чудно совпаѓање. Пред месец дена, дедо ми, сркајќи чорба ми кажа дека сонувал како Црниот Туѓинец го пресретнува во улицата на дивите костени.
„Младиот мајстор на играта“ од Александар Прокопиев (1983)
И лежам така запашкан, како туѓинец во постелата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Да, ги сакам и Македонците, зашто и тие се бореа против туѓинците во истите ровови во кои што се боревме и ние...
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Против Англичаните се боревме ние во Атина, нашите сојузници, разбираш? Ние, илјадници, се боревме против туѓинците.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Некој, туѓинец, кој не видел жени вака избрбешкани со лепешки дури догоре, дури до пушталките, сигурно ќе се згнасеше кога ќе ги видеше.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Тие, Акиноските, горди и довечерашни лути непријатели на Турците, многумина нивни блиски соплеменици паднаа во боевите против турските завојувања на Македонија, ниту не можеа да помислат на исламизирање; беа длабоко уверени дека единствено е добра и исправна верата христова и силно ѝ беа предани нејзе, а Лажниот Мустафа, пак, за сѐ добро известен, како да негуваше одредена почит за нив, како да не сакаше да ги понижи повеќе од што беа понижени со самиот факт што тој, туѓинец, господари со нив, довчерашни византиски господа.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
А таму, на Рамник на Горник, над отворениот гроб на мајка си, одржа една проповед во која првин ги нападна грчките владини и писмо, а потоа ги искара и татка си и сите потковичани што допуштиле да бидат измамени од еден туѓинец.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Луѓето го слушаа тоа и го заборавија - и мудрото објаснување на попот за дојденец, не туѓинец што понекогаш ќе привлече љубопитност но не и свој човек за кого блиските секогаш ќе најдат в срце трошка разбирање.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Твојата црвена кошула оган е кој ја осветлува есенската ноќ на еден туѓинец кој и во својот сон со зборови ја рисува својата малечка татковина која еднаш беше негов голем затвор...
„Ненасловена“ од Анте Поповски (1988)
— Не знам, велам, ама зар и овде ќе бидеме туѓинци?
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Повеќе