судбински прид.
судбински прил.

судбински (прид.)

Болеше глуво и постојано тоа сознание за старецот, беше една судбинска болка за животот, што еднаш мора да заврши, и тоа сега на сите оние трагови од неговите старечки раце во овие простории им ја даваше болната можност да потсетуваат на себе тажно.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Стоеше на прозорецот. Пред неговата постојана, судбинска осаменост и оддалеченост стапалките на луѓето во снегот, дополу зарамнети од врнежот, беа сега како секои Други стапалки; она време што стоеше во тој наврнат снег над дирите го правеше и самиот некаков безимен исконски ловџија, кој сретнал на својот пат нечии стапалки, трагови од некого, што поминал неодамна по тој снег, со таа разлика што според некоја карактеристичност на трагата успеал да распознае кој бил тој, што поминал пред него тука.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Знаеја дека тоа е судбинско и молчеа, спуштајќи се по удолницата пред сите.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Ете населба, то ест место, каде што христијанската верска догма не успеала сосема да ги надвладее паганството и митологијата, туку приопштувајќи се кон нив и испреплетувајќи се со нив, со нивните обичаи и празнувања се натоврила како со бесцени камења, и историјата, припокривајќи сосе малтер на легенди и преданија, печалела за други, за завојувачите, додека за тукашните ги резервирала страдањата, прогонствата и истребувањето, а заедно со нив правото на бој и правото од сето тоа да разгрнат епски духовни мегдани, кои, во текот на времето, неуките но интелегентни души на жителите на Потковицата ќе ги преобратат во фактичка своја историја и врз неа ќе прикрепат една колку рурална толку здрава и чиста егзистенција, која, пак, несполуките и поразите, кои се јавуваат како негација на сѐ живо и движно, ќе ги извиши на рамништето на својата вера во опстанокот и тука ќе ги озакони како судбински збиднувања во човековото битисување во овие краишта.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Како судбински да им ја претскажуваат иднината, онаа што е најверојатна, да не се рече неизбежна во такви ноќи, црцорците гласно се бараа по полето, да се најдат, да го прослават животот.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Тие ситни и судбински белези биле видливи и под силната влакнавост.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Судбинските одлуки за семејството долго зрееја во душата на моите родители.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
А фашистот Ернст фон Саломон вели: „Не се бориме за народот да стане среќен, туку да го натераме на неговата судбинска линија”.
„МАРГИНА бр. 36“ (1997)
И така народот е притеснет во стапицата на својата „судбинска линија” што му ја смислија изветреани глави и политички кабадахии.
„МАРГИНА бр. 36“ (1997)
Освен што е вџашувачки неписмен и преполн со коректорски грешки, текстот изобилува со речиси поттикнувачки небулози и дисоцираност, со што се квалификува, меѓу другото, и за забавно четиво (да цитираме пар „антологиски бисери“: „изнедрени од сопствените пазуви“; „судбинска неотуѓивост на право за мирно и макроко-смичко диспанзивна субвенција“; „апогејно-високодострелна нивелација“; „историјата е небеневолетна /веројатно „небеневолентна“, наша заб./ и согласна за слични примати историски отспаки /веројатно „отстапки“, н.з., но небулозноста, сеедно, фура/; „дрво кое со тек на времето прераснува во еднотелесна интегрална шума од бројни коридорни стебла“ итн.).
„МАРГИНА бр. 35“ (1997)
Побратимот беше спокоен, како во ноќта кога го држеше судбински кормилото на семејниот чун, на почетокот на нашиот егзил.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Симон ја открива својата судбинска задача, на своето родно село да му помогне обезбедувајќи му вода по примерот на предокот Никола Поцо, а истовремено со тоа тој за своето дело што го почнал добива архетипски мотив на вечна борба на човекот со природата како окосница на повеста на семејната и маказаречката историја кои меѓусебно се преплетуваат.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Чапаев, со најголема прецизност, ги погаѓаше и најскриените Таткови мисли кои тој не се осмелувал да ги искаже, особено кога велеше: - Бргу ќе дојде времето кога овдешните луѓе, но и соседите, во потрага по нова хармонија, со право ќе си го поставуваат судбинското и драматично прашање: кои биле, што биле, пред сто, двесте, триста, четиристотини, петстотини години?
„Тврдина од пепел“ од Луан Старова (2002)
Мајка ништо не можеше да ја одврати од намерата да ја мине границата, да го оствари судбинското враќање во родната земја, откако стигна црвената виза, токму на денот кога таа наполни 70 години.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Но кога животот, во долгиот балкански егзил, нè соочуваше со брзи и судбински решенија, Мајка ги донесуваше одлуките, оставена сама во воените траншеја помеѓу две војски, пред празните чинии на своите чеда, во времето на големата немаштија, верувајќи, надевајќи се дека Татко е со неа, го гради патот на мислите кој води до спасот.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Целото негово суштество го слушна тој судбински знак и се растрепери како и рацете.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Ќе ти влезе во свеста ќе ти се пикне под кожа ќе забега во зоната на интимата и оп, еден ден ќе му појде од рака да го состави она што ти си го скршила да го препише она што ти си го избришала да го ископа она што ти си го потиснала длабоко во тебе, со луд ум на лавина да го открие она што си го забранила за јавна употреба;  ќе ги размрсува и повторно ќе ги замрсува знаците-јазли на твојот личен и на македонскиот синдром ќе си поигрува со преобразбите од дамнини до иднини од лично до колективно ќе ги претвора софистицираните искази и поетските евокации во егзистенцијални слики за да ја долови речито сочноста на твоите исконски мори на твоите детски занеси на твоите судбински застранувања;  можеби ќе те надмине со помош на вродената смисла да глуми да ја игра улогата на другиот да се губи во другиот небаре голтнат од ништото.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Решена да одам напред по секоја цена На полна месечина Во последна мена На моето присуство му нема смена, знаеш и сам А долу под мостот валкана река тече без срам Упатувам поглед да проверам дали чека на нашата судбинска средба Мерам, премерувам, двапати мери Еднаш скокај Нашево некогаш немаше споредба Минаа годините кога заљубени мислевме дека овде е вечноста овде е рај По силата на гравитацијата понесена дознавам дека овде всушност е нашиот крај 2005
„Сите притоки се слеваат во моето корито“ од Марта Маркоска (2009)
Ретко кој се обидуваше, затскриен во некоја дефетистичка барикада, во исчекување да мине злокобниот, судбински бран на историјата, да си ја покаже главата во новото време.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Беше природно да постои со нив природна, судбинска солидарност. Но тоа не беше случај.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Повеќе