столетен (прид.)
Помина зимата, се стопи и последната снегова грутка под излоканите корења на столетниот чинар.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
И тогаш, неочекувано, чиниш столетно стебло паѓа и руши сѐ на својот пат, решително тресна истрел како смрт.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Полесно беше да откорнеш столетен даб од гората, отколку да најдеш работа и да го извадиш парчето леб.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Така, во пријателски разговор, тој измина многу пат меѓу столетните стебла.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Под селцето растат големи столетни дабови, а над селцето се протега голема букова гора.
„Волшебното самарче“
од Ванчо Николески
(1967)
Целата долина, од оној врв, Чукарот, кој како шилец се вишеше над столетната букова шума од северната страна, па до Рамните Ливади, три, четири километри подолу кон југ, се викаше Гогов Валог, според името на некој пра-пра Бојанов дедо кој ги расчистил и разорал плодните падинки покрај поточето.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
9 Мотив: црквата и гробиштата: Оддалеку најпрвин се забележуваат крошните на столетните дрвја припиени една во друга, грабејќи го лакомо просторот полн сончевина и отворен кон езерото до кај што окото гледа; црковната ограда е ниска и тие ја наткрилуваат, се префрлуваат преку неа со своите крошни, ги пробесуваат и ги спуштаат како зелени водопади; кога ветерот ќе го разниша зеленилото, се покажува камбанаријата и црквата издупчени од гранати; при секое удирање на камбаната, малтерот се лупи и паѓа како кожа од рани; на влезот од црквата сѐ уште стои на ѕидот св. Ѓорѓија качен на коњ и со копјето ја држи змијата прикована за земјата; наместа малтерот е паднат, та змијата е излупена во опашката, но јазикот ѝ е црвен, свеж и заканувачки издаден; гробиштата околу црквата се расфрлани без ред.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Помеѓу неговите краци, помеѓу Горник и Зедница, среде столетни дабови и ореови дрвја, со прочуени бунари за питка вода, се тетоши Загориче, или уште како што ја викаат малечката и населена заветрина - Дупка.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Ги запреа коњите разгледувајќи го одблизу манастирот, восхитени од неговата убавина, кој извишен на карпата над езерото и опкружен со зеленило, се чинеше како да лебди над водата во дланки господови; езерото под него поигрува, одблеснува на сонцето и полека ја заплуснува карпата; лево од манастирот под падината на планината, клокотат огромни извори и исфрлаат изобилство вода која плавно, широко се разлева правејќи езерце што го обградува пошуменото островце пред да го пресече патот под мостот и да влезе во езерото со бучеж; на дното од мирната вода во езерото се прелеваат разнобојни алги фаќајќи ја светлината од сонцето што низ бистрата вода продира до нив; на островцето столетните дрвја ги раскририле гранките спуштени до самата вода во која фрлаат зелени отсјаји; по водата пливаат патки и лебеди, кои вознемирени од тропотот на коњите, се оддалечуваат повнатре во езерото оставајќи долги, меки бразди зад себе; на ледината крај изворите пладнуваат купчиња овци како бели, отворени цветови.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Се воодушевуваа од прекрасната природа, од прекрасните предели, шуми, рудини, извори, поточиња, столетни дрвја, разнобојни и мирисливи цвеќиња и билки.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Тој летен, лесен сон, кога ми го кажа Словото, Таткото, со полуоткопчана горна пижама, низ која ѕиркаа побелените влакна на градите, ја довика сенката на волкот, па на зајакот, па на еленот, и прошепоти, додека со прстите продолжи да ги придвижува тешките гранки на столетната шума: „Саноќ ѕвера ѕвер, но одлик остава слик, незнаено само чија, лика има змизми змија“.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Штом се примолкна до пештерата, засолнета меѓу столетните, извишени, длабоко закоренети храстови и тивко ја репетира пушката,го наслушна испрекинатиот здив на прогонетиот.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Застанат така, речиси неподвижен, покриен со смрзнат снег по телото и по лицето, наоблечен и наоружан, потпрен со раширени раце на вратата, беше како некој столетен даб, што мрачен и инаетлив ѝ се истопорил на зимата.
„На пат кон Дамаск“
од Елизабета Баковска
(2006)
Високи ридови, некои голи, каменети и карпести, столетни борови и шумите мрачни, студени водје ги делкаат клисурите, а ноќите ведри и небото извезано со ројови ѕвезди и се чини толку се блиску, што само рака да испружиш и ќе ти легнат на дланка.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
Како ламбади горат столетни борови; во лединката догоруваат планинските цвеќиња, се спржува синиот цвет на Јановото цвеќе, испарува сладуњавиот мирис на шумските јаготки.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
РАЗДЕЛБАТА Е тешка... корнеш ли кревко цветенце или сечеш столетно дабје... - Дали ќе има СРЕДБА? - ***
„Молика пелистерска“
од Бистрица Миркуловска
(2014)
Вее вејавица и завива ко бура, налудничаво се спушта прудолу и се крши од ѕидот на столетните борови.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)