сонува несв.

сонува (несв.)

Кој немал пари секогаш бил раат, а кој ги има: ништо да не му е, сам ќе дума и лоши соништа ќе сонува.
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
Но, може ли да се случи навистина утре да биде невеста што ми се претскажа во руво невестинско? (застанува на местото кај што ја сонува и си ја претставува).
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
Старецот неколкупати го сонував.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Му се радував, го слушав, се согласував да крадам по бавчите со него и не сонував дека е тој најарниот ученик од школата на злосторниците во овој врел прашен град исткаен како стара черга од тесни улици, од плашливи куќарки, од џамии и од два бронзени коњаника пред стариот камен мост, двајца црвеникави кралеви: Петар - татко, и Александар - син.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Гладна кокошка — просо сонуа. И јас така.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
А таа ноќ Неда сонува: како дошол некаков аскер со крстови на капите, со бели коњи под забите.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
„ Ќе а гледам, ќе а гледам и ќе а гледам, дури да ми се наситат очите!" — заклучи тој и заспа за да сонува: како се качува на една висока топола, на која имаше страчкино седело; во седелото мали страчила и таман кога требаше да ги ловне, сите излетаа, само едно го додржа за опашка, а страчките, и двете, му се пуштија, сакаа да му ги исколваат очите.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Мартин, дете коешто оној ден беше со децата на Бистар Кладенец, беше заспан и сонуваше како е голем па нарамил пушка и ќе оди да го фаќа Луман арамијата.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Стана време кога децата мирно спијат или сонуваат најубави соништа.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Но не престанувал да ја слуша приказната за чевлињата, туку сѐ сонувал со нив на нозете.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Падна на ридот, еден штрк сонува брегови зелени. Му сѐ привидува дека е пак со јатата иселени.
„Слеј се со тишината“ од Ацо Шопов (1955)
На мала цврста лединка прскаат жолти сонца под копитата на гладот Темни концентрични тежини бујат над пејсажот зрел што плаче со искри од леб Луд виор од млади надежи сонува шарени звуци – широка песна на ветрушка Огромни товари ден лазат по долгиот пат од солзи и од смев
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Што сонуваш и шепотиш и мислиш кога по ноќва моја прстите твои бладаат можеби сакаат да ја откријат вистината што грее меѓу рацете и градите Јас и ти сме како тревата и ветерот: допирот нѐ крена од едно јалово мирување затоа сега нѐ вознемирува овој наслутен лет со кого плискаат љубопитни нашите дланови глуви Желбата благо се нурка во твоите широки очи и шуми за кревкото стебло што скоро ќе се роди
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Дедото како да е без тежина; свадбарски подрипнува, брза пред нас, чекори кон нешто непознато но долго сонувано.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Со нож зашто сонував нож. Нож и една омраза.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Вон од просторот, ноќе да сонува нож, дење да бара приказни?
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
А поарно беше да не го правев тоа и да ја сонував зелената влага на долината во која ми призна гледајќи празно дека со мене те сврзува нешто повеќе од љубовта.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Можеби ни како дете не сум сонувал жолто освтелен прозорец и ластареста жена на него и напор на дете да му истргне на памучниот кловн една нога.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Се престорува ова небо камен И скриени во него ќе останат очите што сонуваа да го надвишиш!
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
Ела да си поплачеме Јас и ти јас сонуван.
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
Повеќе