сода (ж.)
Безволно се качував по дрвените скали, жолти и разјадени од жива сода.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
понатаму од трските и шеварот гледаше Висар, како жените, по умирањето на некој, ја вадеа сета постела на која спиел умрениот и сета покуќнина со која се служел, да ја мијат на езерото да ја тријат: веленце, мутав, постеќија, сазма, клашник, сакма, џубе, ресичка - удираа со пиралките на нив, фрлаа пепел и катранен сапун, луга и жива сода за да го извадат и очистат од нив и допирот и здивот од умрениот;
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Фрлаа луѓето на нив сѐ што ќе најдеа: врела вода, жива вар, пепел, сода; им ги чадеа патиштата со слама, со папрат, со лепешки, со козина, со ќуќур; едни пцовисуваа, а други пристигнуваа; ги имаше од сите погании: црни, жолти, кафеави, со големи глави, со големи нозе, со крилја, без крилја, со крст на грбот или без крст.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
И да ти пцовиса неко живинче, немаш сода сапун да го направиш. Да се замиеш.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Може тие и да ме отруја. Којзнае што ми клале во ракијата: лута вода, отров, сода за сапун.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Ако не ја разбираш религијата, таа е жива сода за народните маси. Отров и умирачка.“
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Соочен со оваа несреќа Ролан Јаковлевич побрза да ја прифати понудата на Трајчеица да се зафати со полнење сода вода и газози, бидејќи покојниот Трајче Кусакатски имаше разработено дуќан за вакви производи.
„Жената на белогардеецот“
од Србо Ивановски
(2001)
А бидејќи такво нешто не се случило Рајна и понатаму продолжила да ја посетува својата симпатија Генералот во неговиот дуќан за сода вода и да ги игра и пред него сите оние игри со кои ги збудалуваше мажите.
„Жената на белогардеецот“
од Србо Ивановски
(2001)
Ти обневидува видот, па не го гледаш тие тоа сите што го гледаат туку ти се привидува никој што не гледа; ти секнува жедта, па не го чувствуваш јазикот како ти талка по сувата уста како давеник што не сака да слушне за вода; ти гасне гладот, како излишна потреба да се наполни утробата во привидна компензација за секој неуспех во животот; ти се нивелира вкусот, така што ти е сеедно дали пиеш изворска вода или жива сода; ти испарува мирисот, освен на хризантемите ако воопшто испуштаат нешто додека рамнодушни ги ставаат во китки на свежите гробови.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
- Дај ни шише вино. - Црвено или бело? - Сеедно, само да е ладно. И кисела вода, ако нема сода.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
- Треба да купиме вино, со рибата оди вино. - Знам, бело. А со виното оди и сода или кисела вода.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Забележа тој дека Тодора си ги сака иконите, си пали редовно кандило, си оди в црква како да е самата дома топол леб, не жива сода, за секој адет се договара со попот и ревносно ги потсетува домашните и комшиите на празниците што идат, па реши да удри на тој тапан, белки и господ ќе му помогне.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Не гледај ме така. Ме мразиш? Фрли ми жива сода во очи. Класична љубовна освета.
„Одбрани драми“
од Горан Стефановски
(2008)
Јас е јазик
јаз'к да ми е ако не кажам
што гледам што слушам
ако не кажам што правам
што направиле од мене
што насетувам што насетиле
и без мене и по мене
за да има сеќавање јазикот
ако не кажам
кој се огрешил
во име на народот, во име на Бога
со предумисла со завист
од зловолја во злодоба
кој понижувал, истребувал, казнувал
жива сода прскал со жив збор
во очите на бедните и блудните
крстените и недоречените
слобода кој презирал не давал одземал
кој се повлекувал предоцна и без крепост
кој се тешел, кој се правдал
ако зло правел
- зло не кажал
јавно!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
На местото на семкарата карши Градежен сега има фонтани, а порано печени костени и сокчиња од сируп со сода секогаш земавме различни за да си делиме.
„Најважната игра“
од Илина Јакимовска
(2013)